Францускиот претседател Емануел Макрон денеска од говорницата на Генералното собрание на ОН ја обвини Русија за „враќање кон империјализмот“ поради нејзината инвазија на Украина.

– Она на што сме сведоци од 24 февруари е враќање во ерата на империјализмот и на колониите. Франција тоа го отфрла и упорно ќе бара мир, рече Макрон во говорот на генералната дебата на заседанието на Генералното собрание на ОН.

– Кој е хегемонист денес, ако не Русија, додаде Макрон, оценувајќи дека оние кои молчат за инвазијата се соучесници во овој нов империјализам што, како што рече „претставува модерен цинизам што го загрозува меѓународниот поредок, без кој мирот не е возможен“.

Претходно Макрон пред новинарите во Њујорк ја нарече пародија најавата за одржување референдум во четири украински региони за присоединување кон Русија.

Тој ги нарече дополнителна провокација плановите за спроведување „лажни референдуми“ на украинските териториите окупирани од Русија.

– Тоа нема правна основа. Самата идеја за организирање референдуми на територии што се во војна … е знак на цинизам. Да не беше трагично ќе беше смешно, изјави Макрон пред обраќањето на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Тој јасно стави до знаење дека Русија мора да ја напушти Украина и да ги почитува меѓународно признаените граници, како и дека референдумските изјаснувања нема да имаат никаква правна важност.

Францускиот претседател уште истакна дека планира некој од наредните денови телефонски да разговара со рускиот колега Владимир Путин.