Случајот со купувањето на дел од „Соравија“ од членови на семејството Ахмети е навреда за интелигенцијата на јавноста и обраќањето на австрискиот акционер кога кажа дека се решил да му ги подари акциите, бидејќи бил воодушевен од енергијата, позитивноста и идеите на момчето, истакна Драган Малиновски, адвокат и поранешен член на ДКСК, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на ТВ Телма.

Институциите овде дефинитивно мора да се позанимаваат. Имаме Управа за финансиско разузнување и други институции, бидејќи сите бевме затечени од начинот како беше презентиран и образложен тој трансфер на сопственоста на „Соравија“, истакна Малиновски.

Не знам колку е искрен Али Ахмети во тоа што го кажува и што денеска ги повика институциите, но она што ме загрижува е дали треба Али Ахмети да даде согласност и да ги повика институциите да си ја вршат својата работа, додава тој.

„Тоа дава едно светло за состојбата во која живееме. Што се однесува до Мерко, навистина е поразително да треба американската администрација да го става на „црни листи“, па ние да речеме „да, таму навистина има проблем“, па обвинителството сега да се мобилизира, да истражува што е со кривичните пријави, дали се постапувало или не“, вели Малиновски.

Според него, тој случај илустрира една комплетна атрофија на системот.

„Кога велам на системот, тука мислам пред се на оние кои се во прв степен, што треба да постапуваат. Таму има основни обвинители, можеби имало предмети во обвинителството за организиран криминал, меѓутоа и над нив има авторитети кои ја следат нивната работа. Значи, затаиле оние кои требале да постапуваат, меѓутоа затаиле и контролните механизми кои по редот на нештата треба да вршат редовни проверки на постапувања, ажурноста на обвинителството, кога говориме за обвинителството. Истото се однесува и за судството. Така што, тука имаме потфрлање на целокупниот систем и не треба да се однесуваме како досега да не го знаевме тоа“, додава Малиновски.