Еврокомесарката за трговија, Сесилиа Малмстром, потврди дека Европа се подготвува да интервенира во Светската трговска организација (СТО) поради конфликтот со увозот на европски замрзнат помфрит во Колумбија.

-Европа ќе го одбрани европскиот помфрит. Европската Комисија е ангажирана веќе две години по ова прашање и имавме осумнаесет контакти со колумбиските власти за да ги предупредиме дека нивната истрага не е солидна, рече Малмстром.

Колумбија започна антидампинг истрага против увозот на поевтин замрзнат помфрит од европски земји и планира да најави зголемување на царините. Белгија, најголемиот извозник на замрзнат помфрит во светот, заедно со уште неколку земји на ЕУ бараа интервенција и поддршка од Европската комисија на денешниот Совет на министри за надворешни работи.

-Ја чекаме официјалната најава во следните денови и подготвуваме правни анализи за да одиме во СТО, додаде Малмстром.

Поддршка пристигна и од австриското претседателство кое предупреди дека прашањето не треба да се смета за лежерно.

-Можеби звучи смешно ова со помфритот, но има сериозна страна. Почнува со помфритот и потоа ќе има друг производ, па друг, не смееме да дозволиме ова да биде почетокот на крајот на слободната трговија, изјави австриската министерка за економија, Маргарете Шрамбок.

Европската унија и Колумбија потпишаа трговска спогодба пред пет години чија цел е создавање зона на слободна трговија и либерализација на пазарите.