Тинејџер од Сиднеј призна пред Врховниот суд на австралиската држава Нов Јужен Велс дека презел чекори за подготовка на терористички напад инспириран од исламски екстремизам откако бил радикализиран преку социјалните медиуми, наведе судот.

Момчето имало 14 години кога австралиската федерална полиција го уапсила во август 2024 година во неговиот дом во западниот дел на Сиднеј, каде што полицајците на неговиот компјутер пронашле повеќе од 40 видеа со екстремистичка содржина, јави австралискиот јавен радиодифузер Еј-би-си (ABC).

Тинејџерот, чиј идентитет не може да се објави поради неговата возраст, за време на денешното рочиште за изрекување на пресудата во Врховниот суд се изјасни за виновен за преземање чекори за подготовка на терористички напад.

Неговиот адвокат му рече на судот дека тој бил „млад човек кој ја сфатил грешката за своите постапки“ откако „паднал во зајачка дупка на екстремистичко размислување“.

Тинејџерот останува на слобода со кауција и треба да биде осуден следниот месец.

ФОТО: The Australian