Велика Британија го засили притисокот врз паралелните финансиски системи што ја поддржуваат воената економија на Русија, удвојувајќи ги казните за кршење на санкциите, соопшти британското Министерство за финансии.
Британскиот министер за финансии Џон Хили во соопштението нагласи дека Лондон го засилува економскиот притисок врз рускиот претседател Владимир Путин и оние кои ја помагаат како што наведе, „неговата незаконска војна ги лишуваме од можност да се скријат“.
„Обединетото Кралство и нашите сојузници мора да ја интензивираат меѓународната соработка за да го разоткријат избегнувањето на санкциите и да ги оневозможат финансиските мрежи што ја поттикнуваат руската агресија“, рече Хили.
Тој рече дека максималната казна што може да ја изрече Канцеларијата за спроведување на финансиски санкции (OFSI) е двојно зголемена, од 50 проценти на 100 проценти.
Британската Национална агенција за борба со криминал (NCA), исто така, издаде национално предупредување насочено кон мрежата „A7“ поддржана од Кремљ, за која британската влада тврди дека се користела за пренасочување на средства, финансирање на набавки и злоупотреба на странски банкарски системи за избегнување санкции.
Во мај, Велика Британија презеде мерки против платформите за тргување со криптовалути поврзани со Русија, банките и финансиските мрежи за кои рече дека се користеле за заобиколување на санкциите, замрзнувајќи ги нивните средства и забранувајќи им на британските компании да обработуваат плаќања или да одржуваат банкарски врски. Во август, Лондон објави нови санкции насочени кон руски бродови, банки и индустриски компании.




