Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција упати обвинувања кон претседателот на СДСМ и поранешен министер за здравство, Венко Филипче, тврдејќи дека за време на неговиот мандат институциите доставувале извештаи за неисправна вода за пиење, а јавноста не била информирана.
Манасиевски рече дека Филипче „нема право да глуми борец за јавното здравје“, бидејќи, како што наведе, додека бил министер не реагирал на пријавите за небезбедна вода.
„Венко Филипче се обидува да се претстави како најголем заштитник на јавното здравје, додека во периодот кога тој беше министер за здравство, институциите пријавувале бројни случаи на неисправна вода, а Филипче како министер не постапувал“, изјави Манасиевски.
Тој посочи дека до Министерството за здравство пристигнувале извештаи за неисправна вода во повеќе општини, меѓу кои Студеничани, Зелениково, Петровец и Крушево, како и во делови од Скопје.
„Ова се документи кои стигнале до Министерството за здравство, а Венко Филипче не ги известил граѓаните. Освен присуството на бактеријата ешерихија коли, има и зголемен број на колиформни бактерии, исто како во Гостивар. Но граѓаните тоа не го знаеле и никој не ги известил“, рече Манасиевски.
Според него, постоеле и наоди од Центарот за јавно здравје – Прилеп од 2018 и 2019 година, во кои било наведено дека водата не била исправна за пиење.
Манасиевски тврдеше дека слични случаи имало и во Скопје, каде, како што рече, мостра земена во општина Аеродром не ги исполнувала условите од Правилникот за безбедност на водата поради зголемен број на колиформни бактерии.
На крајот од прес-конференцијата, тој побара надлежните институции да го расчистат случајот и да утврдат дали постоеле пропусти.
„Наместо денес да дели лекции и да шири политички обвинувања, Филипче најпрво треба да им даде одговор на граѓаните зошто не постапувал по пријавите на институциите додека тој бил на чело на Министерството за здравство. Очекуваме надлежните органи целосно да го расчистат случајот и да утврдат дали имало пропусти и очекуваме одговорност“, изјави Манасиевски.




