Португалскиот фудбалски репрезентативец и доскорешен член на Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо го раскина договорот со премиерлигашот од „Олд Трафорд“, соопштија медиумите од Островот.

„Кристијано Роналдо го напушта Манчестер јунајтед и тоа веднаш стапува во сила. Клубот изразува благодарност за неговите 145 постигнати гола во 346 натпревари во два наврата и нему и на неговото семејство му посакува се најдобро. Клубот останува фокусиран на тимски напредок под водство на Тен Хаг“, објави Манчестер Ј.

Роналдо се врати во Манчестер во минатото лето, кога го сакаше и Сити, но сер Алекс Фергусон не дозволи Португалецот да заврши во синиот дел на градот.

Одлуката за раскин на договорот со Роналдо беше донесена по контроверзното интервју во кое 37-годишниот Роналдо жестоко го нападна клубот и, меѓу другото, кажа дека нема никаква почит кон тренерот Ерик тен Хаг.

Меѓу обвинувањата изнесени во интервјуто со Пирс Морган, Роналдо кажа дека управата не покажала емпатија по смртта на неговиот новороден син, дека сопствениците, семејството Глејзер, не се грижи за клубот и дека не го почитува тренерот Тен Хаг.

Иако двете страни инсистираат на тоа дека договорот бил раскинат со взаемна согласност, очигледно е дека Роналдо бил набркан од клубот.