Во помалку од две години, Владата успеа преку концептот на транспарентност, отвореност и отчетност да ги доближи институциите до граѓаните, нагласи денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на Глобалниот самит за отворено владино партнерство што се одржува во Отава, Канада.
– Тие се вклучени во процесите за креирање на сите владини политики, како единствен начин да имаме политики, закони и стратегии кои одговараат на интересите и потребите на сите граѓани, рече Манчевски.
Тој ја потенцираше важноста од постоењето доверба на граѓаните кон институциите, што се постигнува преку активна транспарентност и отворање на податоците.
– Со таа цел го отворивме и новиот портал за отворени податоци. Бројот на податочни сетови достапни во моментов е 200 од повеќе од 45 институции. Ова е повеќе од тоа што беше предвидено во Акцискиот план. Свесноста кај институциите за важноста од отворањето на податоците се зголемува, а бизнис заедницата, медиумите, граѓанските организации се повеќе ги користат овие податоци, што е и основната цел на нивното објавување. Нашиот пристап е отворање на сите податоци, со исклучок само на тие кои се однесуваат на националната безбедност, истакна Манчевски.
Одговарајќи на прашањето, како владите да ја задржат ангажираноста на граѓаните во однос на неопходните, но често болни реформи, кои може да потраат пред да се покажат видливи резултати, Манчевски рече дека овој концепт многу придонел за земјата да се трансформира од заробена држава во вистински отворен и прогресивен пример не само на Балканот, туку и ширум светот.
– Овие принципи го трасираа патот на реформите и начинот на којшто оваа Влада ја практикува власта. Тоа значи дека постои силна политичка волја за воведување реформи коишто континуирано ги отвораат институциите и ги трансформираат во вистински сервис за граѓаните, наведе Манчевски.