Селекторот на Италија, Роберто Манчини беше многу задоволен од победата од 3:0 во Зеница со Босна и Херцеговина.

„Азурите“ го задржаа својот 100% учинок во квалификациските средби и го подобрија својот рекорд од пред 80 години со 10 последователни победи.

– Среќни сме со победата. Јас нема да лажам – убаво е што го подобривме рекордот од времето на легендарниот Виторио Поцо. Игравме одлично. Знаевме дека натпреварот нема да биде лесен затоа што Босна и Херцеговина е сериозна екипа со технички потковани играчи, но многу брзо започнавме да го контролираме она што се случуваше на теренот, рече Манчини по мечот.

Сепак тој најде „проблеми“ во играта на својот тим.

– Ако треба да барам проблем, тоа е што се повлековме многу назад во последните 15 минути. Кога сме уморни, мора да ја задржиме топката и да го натераме противникот да трча повеќе, рече селекторот на Италијанците.