Струшкиот затвор наместо установа за ресоцијализаија на осудени лица се претворил во мафијашко гнездо за недозволена трговија со дрога и оружје. Нарко мафијата од Струга и струшко, поврзана со носители на државни функции во власта и со нарко дилери од соседна Албанија, од државната институција за издржување на казни си направила криминално гнездо, токму во затворот.
Посигурно место и не можело да се одбере. Од сегашни и поранешни осудени лица кои издржувале казна во затворот се регрутирале нарко дилери и извршители на тешки кривични дела на недозволена трговија со дрога и трговија со оружје. Биле лишени од слобода шест лица и тоа две лица кои издржувале казна во затворот, две осудени лица кои порано издржувале казна во затворот, две лица од Албанија и дополнително уште едно лице осудено на 13,5 години затвор за недозволена трговија со дрога. Едно лице не било лишено од слобода, поради тоа што се дало во бегство.
Тоа е епилогот на акцијата на полицијата од 07 јули 2018 година, бомбастично најавувана како акција за сузбивање на криминална група што се занимавала со недозволена продажба на дрога и оружје. Веста што ја соопшти полицијата, не е за изненадување. Се чепна по површината и се откри нешто што е ноторно познато дека во државата се извршуваат тешки кривични дела на организиран криминал од големи размери и дека државата тоне во криминал и корупција. Полицијата најавуваше целосно расчистување на случајот, но веќе подолго време нема никакви информации. Што стана со бомбастичните најави за откривање на организиран криминал за трговија со дрога и оружје од големи размери? Зошто се застана на половина пат?
Дали се спроведе акција за спасување на инволвирани функционери од власта?
Поминаа 16 дена од откривање на групата, но струшката полиција и покрај сите најави за расчистување на случајот, молчи или ја замолчаа? Полицијата официјално соопшти дека во истрагата било утврдено дека на криминалната група и помагал инспектор од полициската станица од Струга, но, дека против него “ќе бидат преземени соодветни мерки”!. Со оглед на тоа што полицијата утврдила дека на криминалната група и помагал инспектор во полициската станица и тоа јавно го објави, се поставува прашањето зошто тој полициски инспектор не е приведен и зошто против него не се преземени мерки на кривично гонење?
Какви се тие соодветни мерки што ќе ги преземе полицијата за инспектор кој помагал криминална група за недозволена трговија со дрога и оружје? Дали е тоа помагање или класичен случај на извршител на кривично дело сторено од инспектор, кој во своите работни обврски има за цел токму откривање и гонење на сторители на кривични дела, а не нивно помагање? Тоа не е никакво помагање, туку извршување на кривичнпо дело. Кој е тој инспектoр, какви “соодветни мерки се преземени“ и зошто против истиот не е покрената кривична постапка за сторените кривични дела?.
Уште поконтроверзни се изјавите на директорот на затворот. Откако сосема јасно беше потврдувана инволвираноста на директорот на затворот во случајот, во јавноста се појавија негови фотографии во друштво со највисок функционер на ДУИ, настана молк и голем сомнеж за заташкување на случајот. Дали се прави обид да се забошоти кривична одговорност од политички, а не од правни причини?
Со директорот на затворот полицијата обавила само информативни разговори во затворот!? Дури не бил повикан во полицијата да се проверат и утврдат факти за делото и сторителите. Нема никакви реакции од надлежното Министерство за правда и Управата за извршување на кривични санкции. Останаа неми и глуви, иако затворот станал гнездо за трговија со дрога и оружје, а двајца државјани од Албанија, без никакви документи слободно стојат пред затворот со нивниот автомибил полн со дрога, како да се на пазар и чекаат да ја предадат дрогата. Затворот станаа “откупна станица” на дрога и оружје.
Само после неколку дена од настанот, од страна на Владата, директорот на затворот од Струга бил разрешен “по негово барање”. Истиот тој директор, наредниот ден после неговото разрешување, бил именуван за директор на јавното претпријатие Паркови и зеленило од Струга!.
Зошто се замајува јавноста и зошто селективен прогон?
Во дневникот од 8 јули 2018 година ТВ Канал 5 јавно објави дека околу 50 луѓе биле инволвирани во криминалната група во Струга. Како што се наведува во прилогот, полициски извори брифираат (визуелно прикажан портпаролот на МВР) дека покрај директорот на затворот во струшката криминална група имало и чувари, локални бизнисмени, кои поседувале, продавале или поддржувале нелегални активнсти. Да се сведе целокупната криминална активност само на две осудени лица од затворот, објективно ниту реално, ниту е можно.
Ќе се соочи ли полицијата на селективен прогон од политички причини? Ќе ги изведе ли сите инволвирани криминалци пред лицето на правдата или одговорноста ќе се сведе само на неколку осудени лица, како параван за селективниот прогон? Полицијата е на потег да даде целосна информација за случајот. Народот во овој случај не може да се излаже. Работите се сосема јасни, кој зад кого стои и какви ќе бидат последиците од тоа.
Дали не се повторува она народната, се тресеше гората, се сокри криминалот.
Михајло Маневски