Првиот вицепремиер за европски прашања, Бојан Маричиќ, одговарајќи на новинарско прашање дали политичарите ја кажуваат вистината, во контекст на Денот на шегата, за искреноста на политичарите и исполнувањето на ветувањата, рече дека има два вида политичари: „Едни навикнати да лажат и да се шегуваат со очекувањата и со надежите на граѓаните и други кои ја говорат вистината и се борат за остварување на очекувањата и заложбите на граѓаните“.

-Јас и претседателот Ковачевски припаѓаме на оваа втора група којашто секогаш ја кажува вистината, дури и кога не е пријатно и кога е тешко и се залага заложбите на граѓаните да бидат остварени. Низ годините сме виделе дека заблудите, лагите и поигрувањето со нашата иднина и со нашите приоритети како држава, граѓаните го имаат скапо платено. Значи, граѓаните скапо ги имаат платено и лагите, и манипулациите, и заблудите на ВМРО-ДПМНЕ. И затоа мислам дека секој политичар треба да биде што поискрен, да говори поотворено и да се бори за заложбите за граѓаните, рече Маричиќ.