Министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“ најави ефикасен систем на правда во кој, како што рече, крупните риби ќе се соочат со одговорност и со закон.
Посочи дека нема да има ревизија на сите предмети кои имаат грешка. Целта е, рече, да се зголеми нивото на редовност и отечност во носењето на судските одлуки.
– Во случаите со висока корупција имаме видливи разлики во определени случаи. Меѓутоа имавме случаи на висока корупција коишто беа експресно решени, но имаме и случаи коишто се уште не се решени и се влечат подолго време. Како министер за правда тука го гледам граѓанскиот интерес, односно во интерес на граѓаните да имаме ефикасен систем на правда кој ќе влее доверба, особено во случаите на висока корупција, истакна Маричиќ.
Според Маричиќ, самиот факт што има пресуди кои јавуваат сомнеж, претставува проблем. Смета дека е потребна поголема транспаретност на судовите и јавните обвинителства, но и систем во којшто Судскиот совет без одлагање ќе има простор да ги провери сите оние случаи кои со години стојат некаде намерно или случајно не се постапува по нив.
– Верувам дека ќе можеме да воспоставиме еден нов стандард, едно поинакво ниво на одговорност од она што го имаме досега. Тоа не можеме да го направиме без судиите и без обвинителите, рече Маричиќ.
Најави и измени на Законот за кривична постапка за кои изрази надеж дека ќе бидат усвоени бидејќи се работи за закон за кој е потребно двотретинско мнозинство.
– Мислам дека ова е добра шанса по десетина години откако се работеше претходниот да направиме една евалуација и да видиме каде треба да се подобри за да нема никакви (да речам, пречки) ниту пак изговори дека законската рамка е недоречена, рече Маричиќ.