Драги сограѓани, Гоце го има во химната, за кого би протестирале ако не за Делчев. Делчев е црвената линија на нашето достоинство и идентитет и затоа сме денес овде, затоа што Делчев е Македонија и столбот на нашето постоење како народ. И сакам јасно да реагирам на една теза на власта, неоправданото лепење на етикета врз сите нас, врз сите вас кои што сте овде, но и оние кои што оваа вечер не можеа да бидат со нас. А тоа е дека патриотизмот значи некаква демоде политика и застанатост во минатото. Дека тоа било популизам и некаква анти-ЕУ позиција. Дека откажувањето од Делчев според власта е една од стоте работи која мораме да проголтаме за некаква подобра иднина. Веднаш, веднаш ќе кажам дека не е така, македонизмот и она што сме не е ништо помалку важно од европеизмот, македонизмот е над и пред се. Европската Унија кон која еве веќе 4 години оваа мафија не држи се подалеку е токму тоа за кое и денеска овде викаме едно големо УАА мафијо! Ние сме овде собрани за почитување на различноста, солидарноста и взаемното разбирање. И да, денес сме тука и за Европската унија и за Гоце Делчев.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашниот масовен протест во Скопје.

„Драги почитувани сограѓани, браќа и сестри, нашите историчари кои разговараат мора да знаат дека ја имаат нашата поддршка, поддршката од народот кога веќе ја немаат таа од власта, затоа еден громогласен аплауз за нашите историчари, кои се борат за нашите македонски позиции. Народот е најважен затоа што народот е државата, а не смееме да и дозволиме на власта да станеме територија, а не држава.

Протестираме, затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива и Европската Унија. А нашата иднина е токму таму во Европската унија.

И јасно и гласно кажувам ова СДСМ предводено од Зоран Заев не е за Европската Унија, затоа што тој е се што е спротивно од она што претставува европска вредност.

Заев е против Европската унија затоа што таму нема обвинители коишто вво спрега со врхушката на власт рекетираат 8 милиони евра. Затоа што таму нема да се случи банка да пропадне со 200 милиони евра пари на граѓаните, а истата таа банка ги злоупотребила тие пари финасирајќи бизниси на фамилијата на власт“, истакна Мицкоски.