Се обидов само да се држам во рамки на Уставот кој јасно ја утврдува улогата на нашата држава во однос на заштитата на македонскиот народ и нашите државјани. Принципиелно, само го кажав тоа што стои во нашиот Устав и што е наша обврска, без никому да ускратам какво било право.

Вака вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ја објаснува неговата вчерашна изјава дека не е на Македонија да кажува каде какво малцинство има во регионот зашто тоа е внатрешно прашање на земјите, вклучувајќи ја и Бугарија.

Во интервју за телевизија Телма, Маричиќ нагласува дека за сите отворени прашања со Бугарија, вклучувајќи го и ова, за малцинствата, ќе се разговара.

На прашањето дали има македонско малцинство во Бугарија, вицепремиерот одговори: „Ако таму има луѓе кои така се декларираат, како Македонци, тоа е нивно право и тоа никој неможе да им го ускрати. Нивниот статус во државата Бугарија зависи од уставното уредување на Бугарија и од правата коишто им ги дава таа држава“.

Тој е дециден дека секој има право да се декларира како што мисли дека треба.

-Нашиот Устав, со 36 амандман од 2019 година, јасно ги утврдува улогата на нашата држава во однос на заштита и на македонскиот народ, но исто така и на нашите државјани. Во тој член од Уставот е утврдено дека РМ се грижи за правата и за културниот идентитет на македонскиот народ, но и исто така дека се грижи за своите државјани надвор од државата, потенцирам за државјаните кои се во државјанска врска со државата и дека се грижи исто така за деловите на сите други народи кои живеат во РМ, а се наши државјани и за нивната врска со татковината. Тоа е наша обврска и тоа мора и треба да го правиме. Но, исто така, во истиот амандман, се потенцира дека Македонија нема да се меша во внатрешните прашања на која било друга држава, ниту пак на државите од соседството. Тоа ми беше поентата да го кажам, притоа не негирајќи било што или било кого. Секој има право во Европа да се декларира како што која етничка припадност мисли дека ја има и тие свои права да ги остварува во рамките на државата каде што живее, објасни Маричиќ.