Предвремени избори може да има само ако опозицијата се согласи да гласа за уставните измени и потоа да распишеме предвремени избори. Само тоа е опција што како Влада би прифатиле, порачува вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервју за „Гласот на Америка“.
– Мислам дека не е време за предвремени избори, туку е време за понесување одговорност и имплементација на нашите обврски. Граѓаните ќе ни бидат благодарни доколку ја завршиме обврската пред изборите, за да не бидат изборите оптоварени, за тоа кој е ЗА а кој е Против уставните измени, затоа што тоа ќе не внесе во нов 10-годишен тунел, од кој не знаеме дали ќе може да излеземе порано од 10 години. Не е време за предвремени избори, време е за носење одлуки, вели Маричиќ кој е во посета на САД.
За ставот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да се помести од своите позиции, дали постои план Б и дали е во Вашингтон за да побара поддршка од стратешкиот сојузник – САД, тој вели дека поддршката ја имаме од сојузниците, но не за никаков план Б.
– Поддршка од сите доаѓа, но само за планот А. Тоа е единствениот план што го имаме, а тоа е завршување на уставните измени, продолжување на преговорите со ЕУ, и членство на С. Македонија до 2030-та. Секоја партија, секој политичар, којшто ќе се спротивстави на ова, ќе носи историска одговорност, за евентуален негов неуспех. Јас сум сигурен дека имаме доволно време до ноември, да ја убедиме целата пратеничка група или дел од пратеничката група на опозицијата да гласа за овој предлог, затоа што премногу е голем влогот да ја изгубиме оваа шанса. И пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и партијата треба да дадат одговор, зошто работат да ја пропуштиме оваа шанса, бидејќи следната година веќе ќе имаме друг контекст, а ние многу ќе доцниме. Веќе чекавме 17 години да ги почнеме разговорите, нема веќе ниту ден за губење, рече Маричиќ.
Според него, постои чувство дека консензусот за ЕУ е нарушен, откако ВМРО-ДПМНЕ зазема премногу цврст став да не ги поддржува уставните измени.
– Не можеме да бидеме само декларативно за ЕУ, мора да покажеме на дело. Денес се уставните измени, а утре ќе бидат многу други одлуки за кои ќе треба двотретинско мнозинство, а се врзани за конкретни европски политики, независно дали се работи за правосудството или други сегменти, вели Маричиќ.
Пораката од САД и другите меѓународни партнери, како што посочува, е дека постои моментум за Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија кон европските интеграции заедно и поврзано со ситуацијата во Укриина.
– Таа шанса не смее да ја пропуштиме, втора шанса не знаеме кога ќе имаме, нема да има можност повторно да се разговара и преговара за истите прашања кои што ги решивме минатото лето со Бугарија во форма на францускиот предлог. Не е време за политиканство, за вонредни избори, не е време за партиски препукувања. Време е секоја партија и секој пратеник и политичар да покаже на дело дека е за исполнување на нашите стратешки приоритети, во овој случај, зачленувањето во ЕУ, изјави Маричиќ за „Гласот на Америка“.