Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ во интервјуто за „Радио спектар“ рече дека на уставните измени треба да се гледа како заштита и зајакнување на македонскиот идентитет наспроти Бугарија.
„Со ставањето, додавањето на Бугарите како етничка заедница во Уставот се прави јасна дистинкција помеѓу македонскиот народ, Македонците, мнозински народ во С. Македонија и Бугарите како етничка заедница во државата и како малцинство, според конвенциите“, изјави Маричиќ.
Тој потенцираше дека граѓаните имаат право слободно да се изјаснат како се чувствуваат и како што имаме седум други заедници во нашиот Устав, зошто да не се даде шанса и за Бугарите да, за ние на тој начин како што вели Маричиќ да бидеме заштитени дека никој не може да каже дека ние сме Бугари.
Маричиќ смета дека треба да се навлезе во суштината на уставните измени и дека е време и со ВМРО ДПМНЕ да се разговара и низ содржинска расправа да кажат зошто е проблем да бидат вметнати Бугарите во Уставот.
„Како тоа нам на Македонците ни е проблем и како тоа може да не загрози? Бидејќи содржински треба да го промениме Уставот во Преамбулата и во додавањето на Бугарите во оној Комитет за односи меѓу заедниците во Собранието, каде што ги има сите заедници. Тие се двете места во Уставот каде што се спомнуваат заедниците со име“, објасни вицепремиерот Маричиќ за слушателите на Радио Скопје.
Маричиќ верува дека доколку се започне таква дискусија, ќе се дојде до разумни аргументи дека е навистина трагично да се блокира сопствената држава на патот кон Европската Унија заради прашањето на уставни измени, посочувајќи дека во текот на преговорите со ЕУ ќе се отвораат уште потешки прашања врзани со усогласувањето со Европската унија, како на пример со либерализација на пазарот во различни области, пристапот кон земјоделско земјиште, кои можеби сега изгледаат банални прашања, меѓутоа ќе бидат прашања коишто ќе засегаат голем број на луѓе и во приватниот сектор и од јавниот сектор во текот на преговорите.
Во интервјуто Маричиќ зборуваше и за неодамнешната ратификација на Договорот од ФРОНТЕКС и какво е неговото значење за евроинтеграциите посочувајќи дека тоа било едно од нашите клучни барања при утврдување на Францускиот предлог, како гаранција дека Бугарија навистина нема проблем со македонскиот јазик и не се буни со неговото користењето во рамките на Европската Унија.
„Баравме ФРОНТЕКС да биде практичен доказ дека Бугарија нема да го попречува користењето на македонскиот јазик во употреба во Европската Унија или во нашите односи со Европската Унија, а и понатаму кога ќе сме членки. Немаше поинаков начин како да докажеме дека унилатералната нота на Бугарија не ја обврзува Европската Унија, освен со ваков конкретен чекор како што беше ФРОНТЕКС“, рече Маричиќ.
Тој додаде дека Договорот од ФРОНТЕКС е екстремно важен и во својата суштина, во својата содржина, не само како чин на прифаќање на Бугарија дека македонскиот јазик може да биде користен во оптек во нашите односи со ЕУ и во рамките на ЕУ, туку и за заштита на нашата нашите граници кон ЕУ, но и за заштита на границите и безбедноста на Европската Унија, но и го отвора патот за продолжување на интеграцијата во делот на Шенген зоната.
На прашањето за евроинтегративниот пат на земјата и скрининг процесот Маричиќ рече дека како држава којашто преговара за членство имаме посебен статус и имаме посебни можности за соработка со Европската Унија, коишто не сме ги имале пред 19 Јули 2022 година.
„Имаме можност да влеземе во некои системи на Европската унија и пред да станеме членка, имаме можност во некои области да побараме и одлагање. Сега сме во последната фаза од пристапните преговори, којашто знаеме дека ќе трае повеќе години, бидејќи траела за сите држави што пристапувале откако се воспоставени критериумите од Копенхаген“, истакна Маричиќ дообјаснувајќи дека преговорите се во фаза во којашто веќе ги договараме условите под кои нашата земја, државата, ќе пристапи до Европската Унија.