Реално е да станеме членка на ЕУ со следното проширување само ако посветено застанеме зад овој државнички проект, но не е возможно да се каже кога точно би било тоа, а на тоа одговор немаат ни државите членки, бидејќи ова е процес кој зависи од исполнувањето и напредокот во реформите на земјите преговарачки, смета вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
– Значи зависи од нас и од нашата подготвеност да ги спроведеме реформите. Новата методологија е токму на тој начин поставена, да бара поголем ангажман од земјите преговарачки, но од друга страна дава можност за брзина и динамика на процесот. Затоа верувам дека со вака јасно поставена цел пред нас и политичка волја и со силен фокус на реформите можеме да одиме со добро темпо напред. Сметам дека 2030 како датум е добро поставен и треба да биде мотив кој ќе не води низ процесот и во зададениот рок успешно да го завршиме процесот на преговори и С. Македонија да стане полноправна членка на ЕУ, вели Маричиќ во интервју за „Локално“.
Според него, и Владата и Собранието мора да застанат одговорно пред нашата обврска и да ги заокружат уставните измени, кои се прават со јасна намена и цел – влез во поглавјата од преговорите, европски реформи, европски фондови и влез во ЕУ како крајна цел.
– Со тој политички, институционален и уставен чекор многу добиваме, ништо не губиме. Внесувањето на Бугарите, Црногорците и Хрватите во Уставот не може да и наштети никако на нашата земја, исто како што немаме никаква штета од тоа што во Уставот се декларирани и Албанците, Србите, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците. Како Влада сме подготвени, а и наша обврска е, да развиеме дијалог со сите пратенички групи и да направиме атмосфера која ќе овозможи да се случат тие измени, вели Маричиќ.
Тој изразува уверување дека до завршувањето на процесот на скрининг, земјава ќе ги спроведе и уставните измени предвидени со „францускиот предлог“ со цел да може да ги продолжи преговорите по кластери, додавајќи дека очекува и некои пратеници на ВМРО-ДПМНЕ да ги поддржат промените на Уставот, бидејќи, како што вели, познава членови на партијата кои немаат никаква дилема по однос на стратешката ориентација на земјава и по однос на трасираниот европски пат.
– Тие се партија која е членка на Европската народна партија и од таму често добиваат укори и критики за тоа што раководството на ДПМНЕ често влијае штетно врз европската интеграција на земјава. Дали во ВМРО-ДПМНЕ постои европско крило или тоа е европска партија која е со години окупирана од недемократски раководства ќе треба да си одговорат членовите на таа партија. Јас можам да кажам дека на македонскиот народ и на сите граѓани на Северна Македонија им се потребни одговорни, демократски и европски партии и во власта и во опозицијата кои заедно ја носат земјата напред, а не опозиција која за личен интерес сака да ја носи земјата во неизвесност, додава вицепремиерот.
Во однос на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот со Бугарија, Маричиќ потенцира дека меѓународното право и меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и тие не може да бидат менувани или дератификувани со домашен закон.
– Не е во ред ниту од политички, ниту од државнички аспект, што ВМРО-ДПМНЕ влезе во манипулација со граѓаните по сензитивни меѓунационални теми и што го предизвикува европскиот пат на земјава преку фалични референдумски иницијативи за кои однапред се знае дека не може да успеат. Уверен сум дека тие кои му го составувале референдумското прашање на Христијан Мицкоски знаеле во каква корелација се меѓународното и домашното право, додава Маричиќ.
Во врска со тврдењата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека Русија трошела пари за да влијае врз македонската политика и во однос на впечатокот дека кај граѓаните расте поддршката за руските и кинеските политики во однос на западните, Маричиќ вели дека ние од секогаш сме биле поддржани од Западот и во време на нашите ослободувања од окупации и во време на создавањето на нашата држава и денес и дека нашиот народ со векови е на европската патека.
– Северна Македонија е демократска и европска земја и тоа не е така затоа што оваа Влада така одлучила, туку затоа што Македонците и сите граѓани со кои заедно живееме тука од памтивек сме биле на таа страна, и географски, и политички, и вредносно и геостратешки. Тој пат денес за нас значи сериозни стандарди, сериозно почитување на човековите слободи, гарантирани права за секоја индивидуа и за секоја заедница, прецизни задачи, одговорности и рокови за секоја институција со цел подобрување на услугите кон граѓаните, огромни европски фондови за инфраструктурни и системски инвестиции во земјава и меѓународно почитување на нашите посебности, и како македонски народ и како држава Северна Македонија со сите свои карактеристики и различности во себе, истакнува Маричиќ.
Тој додава дека земјава никогаш не ја раскинала соработката со Истокот, но тоа не е страна која може да ни обезбеди реформи, слободи, права, економски просперитет и европски фондови, особено ако се има предвид дека Русија со инвазијата врз Украина ги прекрши сите цивилизациски вредности за кои цврсто се залагаме како нација и држава.
– Токму поради сето ова, убеден сум дека Северна Македонија никогаш нема да се повлече од добрососедство, пријателство и соработка, односно никогаш нема да отстапи од јасно трасираниот европски пат кој носи стабилност, сигурност и подобар живот за нашиот народ, нагласува вицепремиерот Маричиќ во интервјуто за „Локално“.