Новите членови на Судскиот совет Мирјана Радевска-Стефкова, Зоран Герасимовски и Ивица Николовски, денеска дадоа свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери. Тие, како што посочија во изјавата за медиумите, ќе се залагаат за доследно почитување на критериумите при избор на судиите и нивно напредување во судската кариера, како и за севкупно зголемување на довербата во судството.

Радевска – Стефкова во изјавата за медиумите изрази надеж дека тие ќе дадат свој придонес во работата на Судскиот совет, кој е орган за заштита и се грижи за независноста и самостојноста на судиите, особено дека ќе придонесат во изградбата на интегритетот на судиите со оглед на состојбите со довербата на судството во рамките на државата.

-Се надевам дека со својата работа ќе дадеме придонес во изградбата на сето ова, рече Радевска – Стефкова.

За малата доверба во судството, таа истакна дека има повеќе причини, но дека треба да се работи на градење на мерки со коишто ќе се потпомогне јакнењето на довербата.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со акцискиот план на Судскиот совет за корупција, тројцата нови членови истакнаа дека имаат општо познавање за него.

– Ќе го разгледаме и ќе пристапиме одговорно и посветено и да ја зголемиме довербата во судството, рече новиот член на судскиот совет Ивица Николовски.

Тој исто така истакна дека заедно со неговите колеги ќе се залагаат за доследно почитување на критериумите при избор на судиите и за нивно напредување во судската кариера.

– Критериумите се јасно пропишани. Ние ветуваме дека ќе ги почитуваме тие критериуми кои имаат влијание при изборот, изјави Николовски.

Според Радевска – Стефкова, треба да напредуваат квалитетните кадри бидејќи тоа ќе придонесе и за различниот поглед на јавноста кон судството. Таа смета дека судиите што излегуваат од Академијата се подготвени за својата работа, но оти исто така има и низа кадри кои останале на пониски позиции, а се добри судии.

Недостиг на судии има во сите степени во судството и тие места ќе треба да се пополнуваат, вели Радевска Стефкова, која на забелешката дека со бројот на судии сме над европската пракса посочува дека веројатно треба да се размислува за судската мрежа и организација.