Во еден од репортерските бележници што ги чувам како новинарска граѓа останала забележана приказната на Охриѓанецот Наум Делевски, кој полни 40 години бил капетан на јахтата на Тито во Охридското езеро, а притоа само двапати го возел претседателот на поранешна Југославија. Според него, Колишевски се возел најчесто со својот моторен чамец, а Крсте Црвенковски си ја чукнал главата од вратата на јахтата „Дијана“ а за тоа го обвинил Колишевски, велејќи дека намерно порачал толку мало бротче за македонските кадри.
Пишува: Блаже Миневски
Старите репортерски бележници никогаш не треба да се фрлаат, а она што било објавено тогаш кога било запишано не е сето она што било забележано како разговор и впечаток од настанот. Репортажите, всушност, се комбинација од она што ќе се слушне, почувствува и види, а сето тоа најчесто не може да се објави во еден текст.
Еден таков запис е и записот за Наум Делевски, кој полни 40 години бил капетан на јахтата на Тито во Охридското езеро. Во тефтерот е запишано дека, кога сме ја правеле репортажата, тој имал 78 години, а Титовата јахта во Охрид, речиси пред распаѓање, се уште била вкотвена во каналот кај Билјанини извори.
Записот почнува вака: „Друже Маршале, моторната јахта е спремна за вожња”, рапортирал Наум Делевски во 1957 година, кога по првпат го возел Тито по Охридското езеро, а потоа следува неговиот спомен од тој ден, односно дека бил облечен во бело, дека имал морнарска капа и бели, кожени чевли, а бродскиот под во jахтата бил чист, со јазик можел да се лижи, се сеќаваше капетанот на тогашната македонска „морнарица“.
Во бележникот останало забележано дека е роден е во битолското село Молоишта, дека научил да плива во Драгор, но љубовта кон водата засекогаш го врзала за Охрид, за најубавото езеро на Балканот.
Пред да дојде во Охрид, две година „пливал“ бил на „суво“, односно бил задолжен за безбедноста на возот Париз – Атина, на таканаречениот „Симплон“. Потоа една година посетувал курс за морнари на школскиот брод „Галеб“, го видел Средоземното море и Африка, го завршил курсот со висока оцена, за што добил и пет тогашни плати како награда за успехот, но и ново работно место – морнар во Преспанското езеро!
Во таа 1950 година го примил под своја управа првото маакедонско патролно чамче, две години бил капетан во Преспа, а во 1952 година станал командир на езерската полиција во Охрид.
Итен повик од Скопје!
Во бележникот останале запишани и подвлечени речениците и пасусите кои веројатно биле користени во репортажата што тогаш била објавена, но и многу други приказни за кои бездруго немало место во тогашниот репортерски запис. А таквите, можеби „споредни“ записи, останале забележани и петте година кога бил командир на езерската полиција, и кога, еден ден, добил наредба да ги подготви документите, ќе ги носат во Скопје, нешто ги бараат, можеби е нешто лошо:„Што ќе биде сега ова“, си велам. „Погоре одовде не може, нема каде, па, не дај Боже, може да е само надолу. Освен ако не мислат да ме прават адмирал, ама Македонија нема море. Би што би, по ден-два ете ги документите назад а со нив и решение да ја примам јахтата на Тито кога ќе стигне во Охрид! Уф, мајката, значи, зошто јас? Провериле, претресле се, ги свртиле сите документи и препораки, и ме назначиле за капетан на Титовата јахта.
Тоа беше во 1959 година. Пред тоа, се разбира, веќе беше направена вилата на Тито во Горица, беа посадени дрвцата, цвеќињата, се чекаше само јахтата. А за да ја добијам јахтата баш јас можеби во нешто одлучи и тоа што еднаш веќе го имав возено Тито со Јованка по Охридското езеро. Тоа беше во 1957 година, но не го возев со јахта, туку со моторниот чамец на Колишевски. Му рапортирав на маршалот:
„Друже маршале…“ како што кажав погоре, и тие се качија, се „укрцаа“ во чамецот. Жежељ, аѓутантот, малку и помогна на Јованка, сите беа на своите места, и тргнавме во пловидба на отворено. Го свртив езерото дури трепнеш, го преорав, што се вели, и не би јали пол час, јали помалку, или тука негде, еве сме во „Свети Наум“.
Таму другарот Тито малку се одмори, се порадува на убавините, тој многу се радуваше гледајќи го езерото, мислам направи и некои фотографии, и, би што би, по извесно време, пак сите се „укрцаа“ во чамецот и јас го фатив курсот право кон Струга, како што ми беше пред тоа кажано“.
И потоа белешките продолжуваат со прескоци, со скратени реченици, но се спомнува дека во Струга чекале општинските кадри, а меѓу нив и директорот на риболовното претпријатие. И замислете, директорот, лично, во рацете држел една огромна пастрмка за која, подоцна, нашиот соговорник разбрал дека била тешка повеќе од 13 килограми. Директорот ја држел во рацете, се потел, чекал Тито да дојде и да ја види прв, но Јованка, дали оти помлада, некако ги „претицала“ сите и застанала пред пастрмката.
Тито малку подзастанал и рекол:
„Чекај, бре, Јованке, се сакаш ти прва да видиш!“
Стои запишано дека Јованка малку се насмеала, а виделе – не виделе се насмеале и другите на чело со Жежељ и Колишевски. Тоа се случиле со струшката пастрмка на пречекот; што се случило со неа потоа, на софрата, тој не знае, барем така кажал, и така не запишано. Потоа следува некаов опис на јахтата на Тито, јахтата која гние вразана под некаква сува врба во каналот на Билјанини извори. Како што ни кажал нашиот соговорник, а тоа останало запишано во репортерскиот бележник, јахтата тогаш веќе била купена на лицитација од некој бизнисмен од Скопје, но во меѓувреме ништо не било преземено ниту да се заштити ниту да се продаде:
„А има многу што се интересираат за купување, доаѓаат од Белград, но и од странство, се врткаат, ја меркаат, уште не е сосем за фрлање“, рекол старецот и тоа останало засекогаш во бележникот .
Три месеци истрага во Скопје за скршена осовина кај перките!
Во истиот бележник, а чувам најмалку десеттина такви со материјал за репортерски записи, стои запишано дека во 1964 година Тито пак бил во Охрид, но тогаш „охридскиот морнар“ бил веќе махер за јахтата, знаел како дише:
„Моторниот чамец на Лазо тогаш веќе беше во Дојран. Заедно со Тито, без Јованка, беа Жежељ, Колишевски, двајца гардисти и уште двајца наши кадри на кои сега не можам да се сетам. Другарот Жежељ пред да испловиме дојде во кабината и ми даде команда да возам подалеку од албанската граница, од пловците. Штом тој вели така, мора да е нешто многу опасно, си реков во себе, а нозете ми се тресеа сосе белите платнени панталони. Како нема да ти се тресат кога ми беше многупати кажано дека ако нешто му се случи на другарот Тито, не треба да чекам истрага, веднаш може да си врзам камен околу вратот и да скокнам „самоиницијативно“ во езерото. Значи, пловевме без проблеми, ја свртив јахтата пред „Свети Наум“, тука Тито пак малку се порадува на убавината, и со голема брзина ги вратив назад, во базата. Тито на симнување ми пружи рака, се поздрави и заминаа“.
Во таа иста јахта, како што останало забележано во тефтерот, освен Тито, соговорникот возел и многу други високи, светски политичари, најчесто претседатели, премиери и министри. Секој што ќе дојдел во Охрид, задолжително доаѓал и на јахтата. Еднаш така дошол и Генералниот секретар на Обединетите нации.
Според записот, соговорникот не се сеќава која година било тоа точно, но рекол дека мора да било негде во шеесеттите година на минатиот век. И тогаш, како секогаш, ја намирисал јахтата со мирис, со пумпица, се намирисале и тие, посадата, и така намирисани тргнале кон Горица.
Арно ама негде пред да пристанан, нешто како да се скинало долу кај перките. Јахтата се затресла, потскокнала, збрчала уште еднаш-двапати и застанала така поднавалена:
„Дури трепнеш со окото дојдоа инспектори, се симнаа нуркачи долу, гледаа, мереа… Потоа три месеци одев во Скопје на испитување, се водеше истрага дали осовината кај перките се скршила сама или било саботажа. Ако е саботажа, ми рече Тоте од Куманово, кој беше одговорен за случајот, не ти гинат 20 години робија, момче. За среќа беше утврдено дека грешката е направена при лиењето, не било добро залемено едно парче метал што ја држи осовината“, рекол старецот покажувајќи со раката кон Горица. А потоа додал дека со јахтата на Тито за 18 минути се стигнувало од пристаништето во Охрид до манастирот „Свети Наум“.
Во бележникот е запишано и тоа дека јахтата на Тито го „обелувала“ образот пред светот, всушност јахтата била единствената „езерска убавица“, друга немало, ако не се смета „Дијана“, која била купена во Белград за тогашни три милиони динари, големи пари за тоа време. Јахтата „Дијана” била петпати послаба од Титовата јахта, самоа 40 коња и осум метри долга. Јахтата на Тито е долга 12 метри, а нашиот соговорник, лично, со воз, ја донел од Белград.
Според белешките во репортерскиот бележник, еден ден во Охрид дошол Крсте Црвенковски, и сакал да ја види „Дијана“, новата јахта на македонската влада. Се поткачил и тргнал право кон кормилото, мислејќи дека е висока како јахтата на Тито. Само што капетанот сакал да го предупреди, Крсте веќе треснал со главата во горната рамка на вратата. Мавнал убаво, јахтата чинам се затресе, како да се насука на подводен гребен, изјавил соговорникот:
„Што е ова, рекол Крсте, кочина ли е или јахта“, и се држи за главата, се лути на другарот Лазо, тој, вели, намерно порачал кочина наместо салам јахта за македонските кадри.
Оттогаш Крсте се возеше само со Титовата јахта, не влезе повеќе во “Дијана”, останало забележно во тефтерот заедно со описот дека соговорникот го свртува зад трските своето мало кајче, што сам си го направил по пензионирањето, и заминува кон излезот на каналот кај Билјанини извори. Сега тоа кајче е неговата јахта; а тој е и морнар и капетан кој плови таму каде што ќе посака гледајќи во ѕвездите над Галичица. Во каналот останува јахтата на Тито, која, како што рекол нашиот соговорник, со ремонт на моторите, а тоа се прави за илјада евра во Солун, повторно може да биде атракција на езерото. А што се случило во меѓувреме со јахтата и со капетанот, останува да провери некој друг репортер со друг бележник во рацете.
ТИТО ВО ОХРИД ВО 1967