– Денеска сме тука да работиме за подобри врски за луѓето од утрешнината, изјави европската комесарка за проширување Марта Кос по нејзиното пристигнување на Меѓународната министерска конференција за Коридорот 8 во Софија.

– Бугарија е порта кон Европа за регионот на Црното Море, како и за Турција, а Западен Балкан игра многу важна улога на поврзување, рече Кос.

Таа истакна дека во регионот се спроведуваат над 130 проекти, вклучително и за изградба на нови патишта и железници и за подобрување на граничните премини.

– Но, мојата визија како комесарка за проширување оди многу подалеку. Мојата визија е дека еден ден целиот Западен Балкан ќе биде дел од нашата Европа, рече европската комесарка.

Според нејзините зборови, тогаш граничните премини и транспортните врски за кои се зборува денес повеќе нема да имаат исто значење, „затоа што ќе бидеме една Европа“.

– Една Европа што работи заедно – ова е визијата кон која работиме во Брисел, тука во Софија, на Западен Балкан и, секако, во земјите-членки, додаде Кос.