Само неколку месеци откако по долга пауза ја освои Премиер лигата и објави рекордни приходи, раководството на лондонски Арсенал објави отпуштање на 60 вработени.

Одлуката, како што објави денеска Би-Би-Си, е донесена на состанокот со извршниот директор Ричард Гарлик.

Кратењето на работните места нема да влијаат на тренерскиот персонал, ниту во машкиот ниту во женскиот тим, туку ќе се однесуваат на вработени кои не се дел од спортскиот дел на клубот.

Веста за отпуштањата дојде откако клубот му презентираше на тренерот Микел Артета нов договор вреден околу 80 милиони фунти во следните четири години, со што Шпанецот би бил најплатен стратег во англискиот фудбал.

Во февруари, Арсенал објави рекордни приходи од 691 милиони фунти за финансиската 2024/25 година, иако на крајот објави вкупна загуба од 1,4 милиони фунти.

Извештаите, исто така, покажаа дека оперативните трошоци се зголемиле на 200,8 милиони фунти во споредба со 147,9 милиони фунти во 2024 година.