Коалициониот партнер во грчката влада, Независни Грци, не отстапува од барањето, Договорот со Македонија, во грчкиот парламент да се ратификува со зголемено мнозинство од 180, наместо 151 пратеник.

Заменик министерот за транспорт и врски на Грција, Никос Мавраганис, од редовите на партијата на Каменос, вели дека без 180 пратеници, Независни Грци ќе се повлечат и владата ќе падне.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мавраганис, во интервју за грчката телевизија „Скај“, повикувајќи се на членови од Договорот рече дека „потписот од Коѕијас на еден нацрт договор нема никаква правна важност“.

– Прво, правната важност на овој потпис е минимален па дури и нула. Второ, нема е воопшто важно што ќе се случи сега, туку важно е дали ќе се ратификува од парламентот. Трето, побаравме 180 пратеници. Ако не одиме на 180 пратеници, владата ќе падне. Ние ќе се повлечеме од владата и ќе ја повлечеме нашата доверба, рече Мавраганис и додаде дека ако Нова демократија сака да гласа, тогаш во ред, ако не, земјата ќе оди на избори.

Инаку, официјална Атина сè уште не ги информирала ЕУ и НАТО дека го поддржува процесот за интеграција на Република Македонија, а договорено беше дека веднаш откако тој ќе се ратификуваше во македонското Собрание, Грција ќе испрати писмо до овие организации. Тоа се уште не се случи, зашто изгледа дека приоритет на грчката политичка агенда се други внатрешни прашања.

Во Грција не стивнуваат реакциите за потпишаниот договор. Лидерот на коалициската партија, Независни Грци, Панос Каменос, рече дека не само што нема да гласа за договорот, туку побара наместо со 151 глас, договорот да мора да добие 180 гласови во Парламентот во кој има вкупно 300 пратеници.