Зоран Заев ги фрли во вода сите аргументи и стратегии за името градени од неговите претходници, вклучително и од Црвенковски и Глигоров, но истовремено и многу порано стекнатото право на јазик и националност кои сега со новиот договор влечат фусноти и дообјаснувања, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на претставувањето на капитулантскиот договор како „патриотски чин“ од страна на СДСМ.

– Најдобро отсликување на тоа каква штета Заев направи даваат грчките официјални претставници Ципрас и Коѕијас кои кажуваат дека во овие преговори со Заев ништо не дале, а добиле многу нешта. Јавноста вчера виде од медиумите дека националноста и јазикот не биле дел од преговорите согласно резолуцијата од Обединетите нации за Република Македонија, што значи дека ова кое што сега Заев се обидува да го продаде како зачувување на идентитетот, е излегување од одредбите на резолуцијата на ОН и директно чинење штета на идентитетот. Ова е губење на веќе стекнатите права и позиции, се вели во реакцијата на најголемата опозициска партија.

Во материјалите кои излегоа во јавноста јасно се гледа дека во 2008 година во текот на преговорите името на нацијата е македонско, а јазикот е македонски.

– Овде нема ни фусноти, ни коси црти ни дообјаснувања. Овие идентитетски прашања не биле дел од преговорите. Овие идентитетски прашања требало само во форма на забелешка да бидат административно презентирани до Советот за безбедност од Генералниот секретар каде ќе стои дека државата сама одлучува македонски да се користи како придавка за јазик на националноста. Националноста и јазикот беа извојувана победа и апсолутно право, кое сега Заев со договорот го руши. Со ова паѓаат во вода лагите дека Зоран Заев наводно нешто забетонирал или зачувал. Напротив тој самоволно се откажал или дополнително го компромитирал јазикот и идентитетот со прифаќањата на дообјаснувања, смета ВМРО-ДПМНЕ.

Со овој договор, се вели натаму во реакцијата, едноставно Заев и помогнал на грчката страна да ги забетонира своите максималистички барања, кои не успеале да ги постигнат во привремената спогодба во 1995 година.

– Затоа овој договор на Заев е капитулантски. Затоа овој договор е штетен бидејќи излегува од рамките на Обединетите нации и ги руши националните и државните позиции. Затоа овој договор го подрива идентитетот и што е најжалосно со потпис од оваа ненародна власт на СДСМ, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

За СДСМ, пак, „договорот е патриотски чин, го зајакнува идентитетот и ја обезбедува иднината“.

– Договорот со кој се става крај на деценискиот спор со Грција е патриотски чин со кој се гарантира и зајакнува македонскиот идентитет и се обезбедува иднината на граѓаните и државата. ВМРО-ДПМНЕ нема никакви аргументи и затоа продолжува да пласира лажни вести, измислици и дезинформации, наведува СДСМ.

Ниту некој државен симбол се менува ниту пак нивната употреба е доведена во прашање, смета владејачката СДСМ.

– Договорот го гарантира македонскиот иденитет кој никогаш повеќе нема да биде оспоруван или негиран од другите и се отвораат евроатлантските интеграции кои се врвен национален интерес. Македонски јазик, македонски народ, македонско оро, Македонци, македонски, обезбедени еднаш засекогаш, се вели во соопштението од СДСМ.