По повод Христовото раѓање-Божик, македонското друштво „Илинден“ со седиште во Тирана, од името на сите Македонци во Албанија, упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, неговото блаженство архипископ охридски и македонски г.г. Стефан и до сите православни верници.

-Дозволете од мое лично име, од името на друштвото и на сите Македонци кои живат во Албанија, Вам лично, на членовите на светиот архиерејски Синод, на преподобното монаштво и свештенство како и на сите православни верници, да Ви го честитам големиот христијански празник, Раѓањето Христово – Божик, и да ви посакам здравје и среќа, стои во честитката потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај.

Во неа се наведува дека Божик е празник кој секој христијанин го дочекува во кругот на семејството радувајќи се и славејќи го животот.

-И оваа година Божик нека биде инспирација сплотени со отворени срца и чиста мисла да помислиме на сите оние на кои им е потребна материјална и духовна поткрепа и безрезервно да им ја понудиме нашата помош. Токму во духот на христијанството, дозволете уште еднаш да посакам во срцата на сите верници да се всели мирот и спокојството, радоста и разбирањето и да продолжиме да даруваме безусловна љубов и почит кон ближните. Христос се роди,се наведува во честитката.

Христовото раѓање се слави насекаде во Албанија каде што живеат Македонци. Во духот на македонските обичаи и традиции, разменувајќи си желби за здравје, среќа, мир, благосостојба Македонците присуствуваат на светите богослужби во областите Мала Преспа, Голо Брдо, Врбик, како и Корча, Билишта, Подградец, Елбасан и Тирана. И годинава не изостанаа бадниковите огнови и коледарчињата секаде каде што живеат Македонци.