Потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити вели дека министрите на оваа Влада го немаат легитимитет ниту на граѓаните, ниту пак на ДУИ. Тој во емисијата „Клик Плус“ рече дека слабиот резултат и нереализирањето на партиската програма е една од причините поради која министрите и првиот вицепремиер, Артан Груби треба да се заменат со нови фигури. Меџити упати обвинувања на адреса на Груби дека има тенденции да го уништи она што претставува основа на ДУИ.

„Во овој случај, господинот Груби се обидува да го претстави како реформа, се обидува да елиминира едно наследство на ДУИ, политички отстранувајќи ги политичките личности, столбовите на ДУИ, обидувајќи се да направи ново наследство, кое е далеку од оригиналот. Едноставно има тенденција за отуѓување на ДУИ“, вели Изет Меџити.

Аналитичарот, Сефер Селими го покрена прашањето – дали целата оваа битка е за тоа кој ќе го наследи Али Ахмет на чело на партијата?!

„Да не е оваа битка за тоа кој ќе го наследи Али Ахмет?! Зарем оваа битка што се води во ДУИ не е легитимна битка по 20 години раководење на Али Ахмети за тоа кој ќе го преземе водството на партијата?!“, додава Сефер Селими.

Меџити повтори дека нивната цел како незадоволна група не е доаѓање во Влада, туку смена на министрите и вицепремиерот со нови фигури кои го познаваат вистинскиот дух на ДУИ, бидејќи како што рече, „СРМН“ не е духот на партијата.

„За Али Ахмети, уште еднаш кажувам, тој е мој претседател и ќе му служам уште 4 или 8 години, ќе бидам зад него, но не секој пат… И Али Ахмети понекогаш може да донесе погрешни одлуки. Во овој случај, она што се случува со Артан Груби, тој или не го гледа или го прави погрешно“, порача Изет Меџити.

Но, според аналитичарот Арбен Раткоцери, со своите постапки Ахмети сака да пренесе порака.

„Досега, Али Ахмети, барем така изгледа дека испраќа еден вид порака – ако се повлечам, ќе се повлечам заедно со г-дин Груби. Тоа се забележува од она што го гледаме и од анализирањето на начинот на работење, принципите и начелата на Али Ахмети“, вели Арбен Раткоцери.

Но, колку долго може да трае ова незадоволство на „огнената група“?

„Ние немаме друга агенда, немаме друга алтернатива. Никој не нѐ охрабри, значи тоа е гласот на граѓанинот и нашиот чист и искрен глас. Ќе нѐ толерира ли Али Ахмети? Тој може утре да излезе и да каже – овие луѓе до вчера беа добри, но денес го прекршија Статутот и ќе ги отстранам од партијата“, порача Изет Меџити.

Меџити додава дека ќе се обидат преку демократски методи да го натераат лидерот на партијата да размисли за состојбата и дебатата да се врати во партијата. Но, што ако не дојде до тоа?

„Во спротивно, барем ние, не преземаме одговорност за тоа што не сме прашани и за што не сме дебатирале и гласале“, вели Изет Меџити.

-Што значи тоа – не сносиме одговорност?

„Па јас не можам сега да излезам и да зборувам поинаку и да одам утре на денот на изборите и да го бранам она што не може да се одбрани, она за што не сум бил информиран. Тогаш ќе бидеме принудени… да, господине претседателе, повелете со Артан Груби и со другите, повелете излезете на терен, но ние ова не можеме да го одбраниме….“, додава Изет Меџити.