Во рамките на Меѓународниот фестивал „Книжевен круг”, во големата сала на Општината Кисела Вода, денеска ќе биде одржана приредбата „Радоста на пишувањето и читањето”, на која ќе настапат голем број современи македонски писатели за деца и млади со свое творештво.
На оваа свеченост ќе му биде врачена наградата „Големиот Принц” на писателот Горјан Петревски – за дострелите во литературата за деца и млади. Ќе им бидат врачени почесни признанија на градоначалникот на Општина Кисела Вода, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, и на Даниела Костадинова, раководител на општинскиот Сектор за култура.
Исто така, ќе настапат и наградени ученици од Основните училишта во Општината Кисела Вода, кои ќе се претстават со литературни творби на тема „Културно наследство”. Тие ќе бидат наградени со книги – изданија на Издавачката куќа Феникс од Скопје. Предвидена е и интерактивна средба со прашања и одговори помеѓу писателите и учениците.
Меѓународниот фестивал „Книжевен круг” започна на 21 мај, а ќе заврши на 7 јуни оваа година. Организаторите најавуваат дека овој фестивал во иднина ќе биде традиционален, а годинава на него учествуваа повеќе од педесет писатели од земјава и странство.
Фото: Архива