Комисијата за заразни болести предглага траењето на сертификатот по прележана болест наместо досегашните 45 дена да трае 180 дена сметано од датумот на позитивен ПЦР тест. Ова денеска на прес-конференција го истакна портпаролот на Комисијата, Злате Мехмедовиќ, кој ги образложи препораките донесени на денешниот состанок на Комисијата.

Посочи дека една од препораките е поврзана со извештајот кој беше презентиран од Институтот за јавно здравје каде е направена анализа на сите случаи на хоспитализација и смрт од КОВИД-19 во периодот од 1 до 31 јануари за 2022 година.

– Анализата покажува дека во анализираниот период само шест лица од пациентите кои примиле трета доза завршиле со смртен исход. Сите смртни случаи кои биле контастирани имале коморбидитети, како што се дијабетес, карцином, кардиоваскуларни заболувања и обезност, рече Мехмедовиќ.

Потенцира дека третата препорака се однесува на постоечките упатства за лекување пациенти од КОВИД-19 и тие се изработени од работната група при Министерството за здравство и од Катедрата за семејна медицина во соработка со матичните лекари.

– Препораката е тие да бидат подобро искомуницирани односно да бидат објавени на сајтот на Министерството за здравство, на Лекарската комора и дополнително испратени до матичните лекари, како и ковид центрите со цел да се олесни достапноста и примената на овие протоколи, истакна  Мехмедовиќ.

Нагласи дека последната препораката која била донесена се однесува на учениците.

– Дел од достапните тестови кои се во владение на Министерството за здравство ќе се користат за проценка на преносливоста на вирусот во школски услови, а дел од нив ќе се искористат за стратегијата „тестирајте за да останете во училиште“ која предвидува изложените ученици во одделенијата каде имало позитивен случај да можат да се тестираат со цел да се овозможи останување во процесот на настава со физичко присуство доколку се утврди дека тој тест кој ќе биде направен ќе биде негативен, додаде Мехмедовиќ.