Коалицијата „Менуваме” денеска оствари средба со народниот правобранител Насер Зибер. Целта на оваа средба беше Предлог законот за дигитални учебници.

Претставникот на Коалицијата „Менуваме”, Суарет Алишан, по средбата со омбудсманот Зибери, изјави дека тие како коалиција сметаат дека се нарушени детските права особено во областа на дигиталното образование.

– Сметаме дека се работи за избрзана одлука. Тие 21 милион евра што министерката ги најавува од Светска банка, подобро да се искористат во училиштата за да се создават стручни тимови (социјален работник, дефектолог и психолог), бидејќи знаеме дека доаѓаат деца кои имаат свои состојби. Дигиталното образование е нездраво, како за менталното здравје, така и за психо-физичкичкиот  развој, изјави Алишан и ја повика министерката за образование да оствари средба со нив.

Поранешниот заменик правобранител за детски права Невенка Крушареска, која исто така е дел од Коалицијата „Менуваме”, смета дека во моментот, со оглед на условите во училиштата. ќе се повредат повеќе детски права доколку се воведе целосна дигитализација на учебниците.

– Прво ќе се повреди правото на бесплатно основно образование кое е загарантирано и со Уставот и со Конвенцијата за правата на детето, затоа што секој родител ќе мора да има интернет дома, а тоа ќе треба да го плаќа родителот. Значи нема да биде бесплатно ако нема и печатени учебници. Доколку се воведе комбиниран модел да може да учат учениците по свој избор, тоа веќе е друго прашање, изјави Крушаревска.

Наставникот по математика од ООУ „Хасан Приштина”, Џелал Рамадани смета дека при дигитализацијата на учебниците, треба да се земат предвид три аспекти – прво материјалниот, а потоа и моралниот и емоционалниот аспект на ученикот.

Според Народниот правобранител, при спроведување на една ваква сериозна реформа задолжително треба да бидат консултирани учениците, родителите и наставниците. Смета дека е потребна сеопфатна анализа колку државата е подготвена да спроведе реформа од ваков вид, со оглед на фактот дека образованието (и основното и средното) е задолжително и бесплатно, што кореспондира со Конвенцијата за правата на детето.

– Родителите и учениците мора да бидат слушнати дали се подготвени да поддржат еден ваков концепт кој изискува техничка поддршка, но и соодветна обука на сите инволвирани во процесот, а не треба да се занемари и наставниот кадар кој директно треба да ја спроведе оваа новина. Народниот правобранител смета дека дигитализацијата е несомнено напредок во образованието и треба да се поддржи, но без соодветни предуслови оваа реформа нема да ги даде очекуваните резултати, соопштија од Народниот правобранител.