Германија е во третиот бран на пандемијата на коронавирус, предупреди денеска канцеларката Ангела Меркел.
„Сега сме во третиот бран“, пренесува Ројтерс, рече Ангела Меркел, повикувајќи се на два неименувани извори од состанокот на нејзината конзервативна Христијанско-демократска унија.
Според соговорниците на агенцијата, Меркел потенцирала дека секое ублажување на мерките за заклучување, воведено на крајот на минатиот месец и продолжено до 7 март, ќе треба да се спроведува постепено и внимателно.
„Не можеме да си дозволиме падови и подеми“, рече Меркел, сугерирајќи дека сака какво било враќање во нормалниот живот да се спроведе внимателно и да се избегне повторно заклучување доколку бројот на случаи започне повторно да се зголемува.
Затворањето на сите бизниси, чија деловна активност не се смета за неопходна за животот на граѓаните и контролите на границите со Австрија и Чешка, каде се појавија жаришта поврзани со заразниот вид на вирусот, ѝ помогна на Германија да го намали бројот на новозаразени.
Сепак, побавното спроведување на вакцинацијата и ризикот од избувнување на големи епидемии на новите видови на вирусот, кои брзо се шират и веќе се откриени во Германија, може да го отежнат олеснувањето на рестриктивните мерки.