Германската канцеларка Ангела Меркел, под притисок на министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер и австрискиот канцелар Себастијан Курц, прифати учество на самит на земјите кои се најпогодени со мигрантскиот бран.
Според виенскиот весник „Естерајх“, самитот би можел да се одржи во Виена, иако се уште не е одредено кога и каде ќе биде организиран.
Покрај Виена, во „игра“ се и Берлин и Рим.
Курц сака собирот да се одржи во Виена, а на состанокот се очекува да учествуваат Австрија, Германија, Италија, Грција, Шпанија и претставник на Вишеградската група.
Австрискиот канцелар истакна дека целта на состанокот е контролата на надворешната граница на ЕУ и додаде дека Фронтекс треба да биде зајакнат, а неговиот мандат проширен.
Од друга страна, Меркел сака барателите на азил, кои веќе се регистрирани во една држава членка на ЕУ, повеќе да не доаѓаат во Германија, а ако сепак дојдат, тогаш треба да бидат протерани во земјата во која прво се регистрирани.
Со ова таа сака да го спречи планот на Зехофер да враќа бегалци од граница.
Курц во четврток ќе ја посети Будимпешта, каде ќе се сретне со унгарскиот премиер Виктор Орбан со кој ќе разговара за посилно обезбедување на надворешните граници на ЕУ.
Курц сака Орбан, кој е еден од најголемите критичари на Меркел, да дојде на состанокот за мигранти.
Курц в петок во Виена ќе го прими претседателот на Советот на ЕУ Доналд Туск, кој ја поддржува политиката кон мигрантите на австрискиот канцелар.