Според тврдењата на Здружението за заштита на животни Animal voice, на вчера одржаниот состанок со градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, биле избркани. На средбата биле и директорот на комуналното претпријатие и инспекторот за животна средина. До неа дојде по случајот со убивањето на седум кучиња-скитници од страна на граѓанин завчера, од невладината организација ги истакнале нивните предлози, како хумано да се реши проблемот со кучињата. Но, одговорот на Мерко ги зачудил.

„Градоначалникот директно и отворено ни кажа дека тој лично ќе излезе на улица и ќе ги убива кучињата… дека тој до сега ќе ги иструел ама не можел да најде отров, по што веднаш поднесовме пријава до СВР Струга“, велат од „Animal voice“.

Алсат денеска го побара Мерко за да го чуе неговиот став за ваквите тврдења, но тој не одговараше на телефонските повици. На средбата, според здружението, директорот струшки комуналец им рекол дека имаат милионски долгови кон граѓани каснати од кучиња. Имале буџет од само 600.000 денари со кои би се стерилизирале само 100 женски кучиња, а во градот ги има над илјада. Единствено решение е токму тоа.

„Ние како станица испративме барање до Општина Струга, да се направи кастрација и кучињата да се локализираат во нашата станица. Ова барање не ни беше исполнето и сега голем проблем е размножувањето на кучињата, кои од некаде доаѓаат овде или несовесни луѓе ги напуштаат“, вели Сељами Речи, доктор-ветеринар.

Агенцијата за храна и ветеринарство во Струга, располага со само еден инспектор кој е немоќен сам да го решава проблемот. Инаку, утре пред Владата во Скопје ќе се одржи протест како револт против убивањето кучиња и нерешавањето на овој проблем во градовите.

На сето ова Мерко вели:

Никој нема да ги убива и труе кучињата, дециден е градоначалникот на Струга.
„Јас дома не чувам кучиња. Што ќе ми се кучиња, кога имам шест внучиња? Тие кои решиле да ги чуваат, треба тоа да го прават одговорно, а пак државата да поработи на измена на законите од оваа област“, вели градоначалникот Мерко во изјава за Фокус.

Со ова, Мерко директно упати барање до централната власт да се вклучи и да го реши проблемот со бездомните животни.