Фудбалерот Лионел Меси и гимнастичарката Симон Бајлс, се прогласени за најдобри спортисти во 2019 година во изборот на Меѓународната асоцијација на спортски новинари – АИПС.

Во машка конкуренција, Аргентинецот Меси доби најмногу гласови и се најде пред Елиуд Кипчоге, атлетичар кој трча на долги патеки, а трет е тенисерот Рафаел Надал. Четврти е Кристијано Роналдо, петти Луис Хамилтон.

Американката Бајлс втора година по ред го добива ова признание. Таа освои пет од можните шест златни медали на СП во Штутгарт. Втора по број на гласови е фудбалерката Меган Рапино, а трета атлетичарката Шели Ен Фрејзер-Прајс. Во топ 5 влегоа уште пливачката Катинка Хосу и скијачката Микаела Шифрин.

Во гласањето учествувале 331 новинари од 102 земји. Тим на годината е избран фудбалскиот клуб Ливерпул, а за настан со најдобри услови за новинарите во 2019 е прогласено Светското првенство во атлетика кое се одржа во Доха.