Албанскиот претседател Илир Мета, само неколку дена откако го врати непотпишан законот за „Националниот театар“ параф не стави на уште еден закон.
Преку соопштение, претседателскиот кабинет објави дека на повторно разгледување во парламентот се враќа Законот за данок на добивка.
Во образоложението зошто не го потпишува законот, меѓу другото, стои дека измените на Законот за данок на добивка, значително го фаворизираат бизнисот со игрите на среќа и оти ни најмалку не се зема предвид јавниот интерес и негативните ефекти врз албанските граѓани.
– Институцијата Претседател на Републиката, проценува дека примената на фискалните олеснувања во областа на бизнисот со игри на среќа не се темелно проценети од страна на Владата и Парламентот наспроти социјалните драми и семејни конфликти кои континуирано се случуваат поради учество во игри на среќа, стои меѓу другото во образложението за тоа зошто Мета не го потпишал законот.
Во исто време се наведува дека Мета потпишал повеќе други закони, усвоени од законодавниот дом.
Албанскиот претседател на 27 овој месец не го потпиша законот за уривање на Националниот театар со образоложение дека законот ги крши начелата на „еднаквост пред законот“ и „слободата на економското делување на граѓаните“, начела кои, како што нагласува, уживаат посебна заштита од Уставот.
„Законот не е во хармонија со основните уставни начела на националниот идентитет и националното наследство, врз кои граѓаните на Република Албанија одлучија да ја изградат и развиваат својата држава. Исто така не е во согласност со европската конвенција за нематеријалното културно наследство, како ни со начелата и стандардите на постојната легислатива на Албанија“, стои во образложението за тетарот.
Мета тогаш посочи дека во време кога не функционира Уставниот суд за да ја испита уставноста на законот Парламентот треба детално да го преразгледа законот.