Eдна од најинтересните трансфер саги оваа зима ќе биде евентуалното враќање на Златан Ибрахимовиќ во Милан. „Росонерите“ веќе објавија дека го сакаат, агентите на клубот не ги негираат разговорите, но коментар од напаѓачот се уште немаше.
Но, тој стави крај на тишината на оваа тема, а неговиот одговор не изгледаше многу категоричен, иако им даде надеж на навивачите дека повторно би можеле да го видат во „црвено-црниот“ дрес. Но, меѓу другото, тој објави дека уште еден од неговите поранешни клубови го сакал – Пари Сен Жермен.
– Мислам дека е поголема веројатноста јас да се вратам во Милан, отколку Арсен Венгер да дојде тука. Не мислам дека тој би сакал да го прифати овој предизвик, бидејќи во Милан не е толку лесно. Што се однесува до мене, не сум сигурен што сакам да правам. Знам дека многу европски клубови ме бараат, но среќен сум во Лос Анџелес, а моето семејство се чувствува одлично тука. Но сепак имам потреба од предизвик, сакам да одам некаде каде што ќе ја направам разликата. Не сакам да одам некаде само затоа што сум Златан Ибрахимовиќ, изјави Швеѓанецот во интервју за весникот „Екип“.
Тој додаде дека за него е заинтересиран и ПСЖ, но само како дел од раководните органи, а не како фудбалер
– Пари Сен Жермен, исто ме сака. Но, ако се вратам таму, ќе одам, за да станам шеф. Нема друга слободна позиција за мене таму. Но сега не мислам за таква позиција, бидејќи се уште сум активен фудбалер и ми се игра. Кога ќе одлучам да се откажам, ќе објавам пред целиот свет, изјави Ибра.