САД се отворени, заедно со своите партнери од ЕУ, да разгледаат секакво предлог решение за Косово, до кое ќе се дојде во рамки на дијалогот меѓу Белград и Приштина, изјави синоќа американскиот помошник државен секретар Вес Мичел.

На средба со српската премиерка Ана Брнабиќ одржана на маргините на заседанието на Генералното собрание на ОН во Њујорк, Мичел истакна дека САД го поддржуваат продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со очекување тој да доведе до трајно политичко  решение за Косово.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Србија, на средбата Мичел-Брнабиќ, на која присуствувал и шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, станало збор и за можностите за унапредување на политичкиот дијалог меѓу Белград и Вашингтон и за зајакнување на билатералната соработка во сферата на економијата, инвестициите, одбраната и образованието.