Во однос на прашањето за внесувањето на Бугарите во Уставот на државата треба да се почитува правилото на реципроцитет, односно потребно е да се разговара и за внесување на Македонците во бугарскиот Устав и почитување на пресудите од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), изјави вечерва претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вечерва во интервју за емисијата „360 степени“ на телевизија Алсат.

– Ние зборуваме за права на група, не зборуваме за признавање на македонско малцинство. Ние зборуваме за права на една група која што сака културно да се организира, духовно да се организира, политички,  општествено итн. јасни се пресудите од ЕСЧП, истакна Мицкоски.

Тој нагласи дека не треба само да се дава, туку треба нешто и да се земе во животот, а земјава, според него, само дава во однос со спорот со Бугарија.

Мицкоски додаде дека и по новата средба со бугарскиот премиер Кирил Петков во Скопје, позициите на ВМРО-ДПМНЕ останале исти како и пред неа.

– Односно, дека македонскиот јазик е македонски, дека ние сме Македонци кои што си имаат своја традиција, култура, дека Гоце Делчев е Македонец, дека Илинденското востание е востание на македонскиот народ заедно со граѓаните кои што биле Турци, Албанци, Власи, итн, истакна Мицкоски.