Покрај секојдневните театри на Зоран Заев и СДСМ околу формирањето на парламентарното мнозинство, покрај секојдневното занимавање на власта со помалку или повеќе пикантерии, жолт печат и неосновани обвинувања, животот станува се потежок, а економијата влегува во се потешка, поакутна фаза. Не е најважно колку соопштенија власта ќе пушти дека формира парламентарно мнозинство, ќе се храбри и удира во гради. Туку колку проблеми на граѓаните можат да се решат. И додека власта ги обвинува граѓаните за повисока цена на струја и ги прекорува дека плаќале повеќе за интернет и телефонија, стотици луѓе живеат со помалку од 50 денари дневно. Повисоките цени на електрична енергија не само што го оптоварува животниот стандард туку директно ги прави луѓето посиромашни. И бидете сигурни зад повисоката цена на електричната енергија седат бизнис интереси на семејството на власт. Со кое што подетално ќе се занимаваме следните денови, рече на денешната прес-конференција претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
-Она што вистински загрижува е што Владата веднаш по изборите економијата ја доведе во колапс. И тоа е последица на серијата погрешни одлуки, на нерационалното трошење на евробврзницата насочена кон досега најголемиот институционален поткуп за време на изборен процес. Цената се плаќа денес. Бизнисот тоне. Банкарскиот и финансискиот сектор е пред распад. А, власта целокупната енергија ја насочува кон зачувување на своите фотелји и бизниси. Податоците говорат дека Македонија е во економска криза, најдлабока досега. За тоа на денешната прес конференција ќе презентираме неколку параметри. Имено, ќе започнеме со индустриското производство, во месец април оваа година падот на индустриското производство е цели 33,5% споредено со април 2019-тата година. Во месец мај индустриското производство бележи пад од 27% споредбено со истиот месец 2019-тата година. Месец јуни кога ќе потсетам на големо се подготвуваше СДСМ и Зоран Заев за избори. Кога практично државата беше комплетно ослободено од било какви мерки, индустриското производство бележи пад од цели 15,1%. Или кумулативно во периодот од 01.01 заклучно со 30.06.2020 година индустриското производство споредено со истиот период од 2019-тата година бележи пад од цели 14,6%. Втор параметар кој што денеска ќе го зборувам и презентирам пред македонската јавност е бројот на работници во индустријата. Имено, во месеците април и мај 2020-тата година бројот на вработените во индустријата се намалил за 5,1% споредено со истите два месеци во 2019-тата година. А, во месец јуни бројот на вработените во индустријата е намален за цели 5,2% споредено со месец јуни 2019-тата година. Или ако гледаме кумулативно за периодот и јануари – јуни 2020-тата година бројот на работниците во индустријата е намален за цели 4,4% споредено со истиот период во 2019-тата година, истакна Мицкоски.
Третиот параметар за кој што ќе говорам денеска е стоковата размена со странство. Имено, во месец април 2020-тата година извозот е паднат за цели 60,3%, а увозот за 50,9%. Во месец мај 2020-тата година извозот е паднат за цели 39,2%, а увозот за цели 36,5% споредено со месец мај 2019-тата година. Месец јуни 2020-тата година извозот е паднат 7,3%, а увозот за 3,4%, ќе ве потсетам, месец јуни е месец кога сите ограничувања практично не беа апликативни. Или пак кумулативно од јануари заклучно со 30.06.2020 година споредена со истиот период 2019-тата година извозот бележи опаѓање за цели 22,3%, а увозот за цели 18,1%, додава Мицкоски.
-Каква е состојбата со долгот веќе говоревме на неколку интервјуа и на неколку прес конференции, но добро е да се потсетиме уште еднаш. Имено, државниот долг од 4,5 милијарди евра порасна 5,5 – 6 една милијарда евра или за цели 982 милиони евра, или тоа е 8,9% од претпоставениот раст или претпоставенатa вредност на БДП на крајот од годината. И тоа зголемување на јавниот долг е само за едно тромесечје. Ќе ве потсетам, само за вториот квартал, месеците април, мај, јуни значи приближно една милијарда евра. Јавниот долг, пак, е зголемен од 5,56 милијарди евра на 6,527 милијарди евра, или за цели 967 милиони евра со тоа што јавниот долг е зголемен за 8,8% номинално, во однос на Бруто Домашниот Производ кој што треба на крајот од годината да изнесува приближно 11 милијарди евра. Цела една милијарда евра е задолжена Македонија, македонските семејства за само еден квартал, вториот квартал. Или секое македонско семејство само во еден квартал, оваа Влада, ресорниот министер, Владата предводена од СДСМ, Зоран Заев, Оливер Спасовски го задолжи за повеќе од 120 илјади денари само за еден квартал, а тоа е вториот квартал 2020 година. Јас сум свесен дека, веднаш после ова, ќе стигне демант во кој што ќе речат дека ВМРО-ДПМНЕ предлагаше задолжување. Да, ВМРО-ДПМНЕ предлагаше задолжување со две цели. Првата цел беше да се справиме, здравствено, со кризата предизвикана од пандемијата на Ковид-19 вирусот. Тука не успеавме, потфрливме. Во последните денови гледаме дека стануваме, практично, и извозници на оваа пандемија. Таков е случајот со авионот кој што вчера слета во Финска. И, не само што не успеавме да се справиме, туку последиците предизвикани од Ковид-19 вирусот се се поголеми и никако да се спуштиме од троцифрена бројка на заразени и неколку мина кои што на дневна основа го губат својот живот. И, втората цел беше да се справиме со економските последици. Од бројките кои што ги прочитав, не само што не успеавме ниту со првата, ниту со втората цел, туку работата станува уште поалармантна. Се поставува прашањето, зошто беа потрошени овие една милијарда евра. А, одговорот на тоа прашање ќе го дадам во петтиот параметар. Петтиот параметар е буџетскиот дефицит. Имено, во првите седум месеци од 2020-тата година, буџетскиот дефицит, ќе ве потсетам тоа се пари кои што се потрошени а државата не успеала да ги собере во буџетот, што значи дека ќе мора со дополнително задолжување да ги враќаме тие пари. Буџетскиот дефицит, во првите седум месеци изнесува 32 милијарди и 80 милиони денари или цели 520 милиони евра. Ќе ве потсетам, 520 милиони евра, оваа Влада, предводена од Оливер Спасовски и Зоран Заев, потроши пари на граѓаните, без притоа да има соодветна основа и покритие за истите, со една цел да ги спроведе најнeдемократските и најкорумптивните избори кој што некогаш се случија во независна Македонија. Повеќе од 520 милиони евра изнесува буџетската дупка во првите седум месеци, а врз основа на параметрите кој што ги добивам, во првите десет дена од месец август, таа ќе биде драматично влошена и очекувам на крајот на месец август да дојде и до 40 милијарди денари. А, ќе ве потсетам, на почетокот на годината, потенцираше Мицкоски.
Буџетскиот дефицит беше планиран на вредност пониска од 18 милијарди денари или на вредност пониска од 290 милиони евра. Таа бројка одамна е помината. Поминати се сите црвени линии, државата влегува во подредена улога и сето тоа е поради погрешните политики кои што ги спроведе Владата предводена од Оливер Спасовски и Зоран Заев. Обидот, а и намерата да се реализираат најкорумпираните избори, најнедемократските избори кои што некогаш се случиле во Македонија. За жал цехот на крајот од денот ќе го платат граѓаните со тоа што денеска секое семејство во Македонија е задолжено за дополнителни 120 илјади денари само во вториот квартал споредено со ситуацијата која што беше заклучно со првиот квартал 31 март 2020-тата година, подвлече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.