Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по брифингот пред новинарите изјави дека ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот дека Договорот е штетен и противуставен за Република Македонија. „Заклучивме едногласно дека станува збор за решение кое што комплетно е спротивно на државните и националните интереси на Република Македонија.“- рече тој.
Тој ги повтори ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и изјави дека: „Едногласно заклучивме и дека станува збор за решение кое што самото по себе е капитулантско и пратеничката група но и Извршниот Комитет беа едногласни и ги повторија веќе познатите позиции кои што ВМРО-ДПМНЕ ги имаше во минатото, а тоа е дека нема да поддржи промена на Уставот, а со цел промена на уставното име.“
Тој даде три примери зошто Договорот со Грција е противуставен и штетен за Република Македонија и кажа дека постојат три примери зошто е тоа така :
„Имено, не постои досега меѓународен договор кој што се ратификувал од едната страна, а не се ратификувал истовремено од другата страна.
Самото тоа го носи вториот заклучок кој е дека ние ќе преземеме обврски под услов да ги реализираме, а каква обврска презема Грција и која е мерката што доколку Грција не ја реализира сопствената обврска.
Третата која што денеска пред јавноста во Република Македонија, дилема ќе ја отворам е како тоа владата превзема обврска да изгласа договор во Собранието на Република Македонија со просто мнозинство, а се обврзува да направи системски измени т.е. измени во Уставот кои што се со двотретинско мнозинство?
Самиот по себе договор или спогодба како што е наречена е против Уставот.“
Тој ги повика граѓаните во Битола во недела со почеток од 13 часот, а по повод роденденот на партијата да излезат на протестен марш: „Сите граѓани во Република Македонија кои што имаат идентичен став како ВМРО-ДПМНЕ кои што сакаат да застанат на патот на овие погрешни политики кои што владата на СДСМ ги прави во Република Македонија, кои што сакаат да застанат на патот на ова капитулантско дело да се спроведе во пракса, а истовремено да ги осудат сите погрешни политики на СДСМ да ни се придружат“.