Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во вечерашното интервју во Тема на денот во централниот дневник на ТВ Сител вели дека на вчерашната лидерска средба со Димитар Ковачевски понудил три датуми за избори оваа есен или широка влада, како и заштитен идентитет и брза интеграција во Европската унија.

-Му го кажав мојот предлог за избори кои би се случувале оваа есен, како три можни датуми ги предложив 24 септември, први или осми октомври. Да одиме на избори, тој кој што ќе биде поразен да го поддржува победникот во одбрана на националните интереси. Значи да бараме гаранција за многу вековниот македонски идентитет, култура, традиција, посебност, обичај и јазик од Европскиот совет и преземав обврска преку премиери на земји членки таа точка да ја ставиме на дневен ред. И бидејќи сите велиме никој нема против македонскиот идентитет тогаш нема причина зошто таа точка да не биде на дневен ред и да се добие таков документ со кој што ќе се добие документ со кој што ќе биде потврда на македонскиот идентитет, од страна на највисокото европско тело, а тоа е Европскиот совет, каде што членуваат шефови на влади и држави од земји членки на Европска Унија. А од друга страна ќе ги видиме вистинските намери на нашиот источен сосед, дали е идентитетот проблем или не е, рече Мицкоски.

Мицкоски посочи дека се понудил да побара економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните во форма на грант и кредитна линија за македонското стопанство.

Второ реков дека ќе разговарам јас бидејќи сме од истото семејство на ЕПП со Урсула Фон Дер Лајен и ќе побарам економски пакет за проекти за суштински потреби на граѓаните, во форма на грант кој што ќе биде дел од буџетот на Европската комисија за 2024 година. И побарав кредитна линија за македонското стопанство за да може македонското стопанство да се подготви за процесот на пристапување кон ЕУ и да може подготвено да го пречека тој процес.

Мицкоски потенцираше дека му предложил на Димитар Ковачевски да се бара од Бугарија да имплементира барем 3 пресуди донесени од Судот за човекови права, укажувајќи дека покрај евроинтеграции, се зборува и за добрососедство, но како што рече Ковачевски ги одбил предлозите.

Што се однесува до опцијата за преодна влада, тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ поддржува преодна влада која што ќe има полн легитимитет да го мониторира и контролира процесот од потенцијални изборни измами, но и одговорност за криминалот на СДС и ДУИ.

Со оваа влада ќе имаме полн легитимитет да го мониторираме и контролираме процесот од потенцијални изборни измами. Тоа е многу важно, бидејќи знаете вие, техничката влада секогаш, се надгласуваа технички министри на самата седница на влада и практично и нивната оперативна функција беше многу мала. Со полно правни министри во рамки на една ваква преодна влада, ние ќе можеме многу јасно да контролираме процесот, изјави Мицкоски.

Мицкоски, ја поздрави одлуката на ДУИ да оди во опозицијата, односно како што рече тој добро е што ДУИ конечно разбра дека им е време за опозиција.

На прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ би влегле во влада со СДСМ, а всушност ги обвинуваат за криминал, Мицкоски порача дека граѓаните дека не треба да стравуваат, бидејќи преодната или широка влада не значи амнестија, односно како што рече тој секој кој што се огрешил пред законот изминатите 6 години откако СДСМ и ДУИ се на власт ќе одговараат.