Министерот Осамни со оваа политичка гимнастика како да се загуби малку. Нормално сега ќе се обиде да се радикализира, наместо да се грижи за интересите на државата која што го плаќа, тој се грижи можеби повеќе за туѓи интереси, вели Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во рамки на акцијата „Важно е! Од тебе зависат промените“, како ја коментира изјавата на Бујар Османи дека ќе ја преиспита одлуката на Македонија во Отворен Балкан поради однесувањето на Србија кон Косово.

Мицкоски нагласи дека со ваквата изјава Османи јасно покажува кој е главен стопан во владата, додека Ковачевски и СДСМ се само измеќари за кои што рече дека се задоволуваат со трошките, додека луѓето од ДУИ се стекнуваат со огромни имоти насекаде низ државата.

Фактот е еден дека јасно кажува кој е главен стопан во владата, и дека СДСМ и Димитар Ковачевски се обични измеќари на ДУИ, како во владеењето во владата, така и во криминалот. Тие се задоволуваат со трошките, додека гледате како луѓе од ДУИ се стекнуваат со огромни имоти насекаде во Македонија со пари кои што се добиени и постои основано сомневање за сомнителни тендери, истакна Мицкоски.

Претседателот Мицкоски потенцираше дека не го изненадува однесувањето на Османи, туку сервилното и поданичко однесување на Ковачевски и СДСМ.

Така што не ме изненадува оваа гимнастика која што ја прави Бујар Османи. Но, ме изненадува ова сервилно, поданичко и измеќарско однесување на Димитар Ковачевски и СДСМ, вели Мицкоски.