Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека поради кризата очекува, како што рече, сложена есен и тешка зима со многу немири.
Според него, претстои тежок и предизвикувачки период, а Владата не презема мерки, ниту политики со кои би се ублажила состојбата.
-Ќе биде жестоко. Енергетската криза постепено се трансформира во економска и очекувам да има немири. Сега календарски уште сме лето, а се потешко се живее. Ценам дека периодот што следи навистина ќе биде тежок и предизвикувачки, а од владата не гледам некакви мерки или политики со кои би се ублажило сето ова. Очекувам прилично сложена есен и тешка зима со многу немири, истакна Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на општина Штип заедно со градоначалникот Иван Јорданов во рамки на активноста „Промените се случуваат, секогаш со народот“.