Од 2017 година „Лотарија на Македонија“, без разлика што и самата не поседува лиценца самата издавала лиценци за приредување на игри на среќа, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање. Тој посочи дека документацијата е предадена на истражните органи и очекува надлежните институции да излезат со став.
„Има претходни високи функционери од Владата коишто и покрај тоа што знаеле дека ова е спротивно на Закон дозволиле ваков тип на игри на среќа да се приредуваат, а со тоа ги оштетиле и граѓаните и Буџетот“, изјави премиерот Мицкоски.
Оваа информација следи откако претходно деновиве беа одземени две лиценци на фирми од Струмица и од Скопје, кои, како што тврди премиерот не плаќале редовно данок. Министерството за финансии ги испратило предметите за двете друштва до Финансиската полиција и до МВР кои треба да утврдат дали и во колкав обем е оштетена државата од незаконското работење на друштвата за игри на среќа.