Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа на прес-конференција порача дека партијата извојувала голема победа и оти денешниот е денот кога почнуваат промените за подобра Македонија.
Тој се заблагодари на поддршката од сите опозициски партии и додаде дека со соработката покажале оти е возможен еден широк опозициски фронт со кој се воспоставуваат основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и вредности на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Од лидерот на СДСМ побара да ја прими пораката од народот и да замине.
– Македонијо, од вечерва почнуваш да го живееш нашиот голем сон за нова иднина, надеж за секој еден човек. Многумина се сомневаа дека успехот е можен, но надежта победи. Македонија мора да се менува, а промените започнаа од вечерва. Надежта ја победи апатијата и нејзината сила ќе расте, сите заедно со нова иднина заеднички и сложно да го оствариме сонот за кој цели 30 години сонуваме, а никако да го постигнеме. Кажете им на нашите браќа и сестри од сите краеви на Македонија, од Тетово до Битола и Охрид и кочани, од Скопје до Гевгелија. Ова е денот од кога почнуваат промените. Промени кон подобро, промени на имиџот на државата, промени за заштита на интересите на секој еден човек. Промени за обединување, за подобар живот, за силен стандард. Промени кои ќе ја донесат иднината за која се бориме. Ова е убедлива победа. Ова е победа на народот на Македонија, рече Мицкоски.
Тој им се заблагодари на коалициските партнери, но и на политичките партии што ги поддржаа како Алтернатива, Алијанса на Албанците, Левица.
– Докажавме дека опозицискиот фронт е возможен и поставивме основи за идна соработка и идна владина коалиција врз база на принципи и вредности на спојување и меѓусебна почит и разбирање. Покажавме дека и покрај разликите, сепак можеме да се обединиме околу заедничка цел. Македонија без корупција која ќе се развива и оди напред, Македонија во која ќе се бориме да биде интегрирана во ЕУ, на стабилен систем каков што немаме. Тоа докажува дека еден опозициски блок е речиси сосема извесен. Истиот тој ќе донесе огромна победа на следните парламентарни избори кои многу е веројатно дека ќе бидат предвремени, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во врска со новото парламентарно мнозинство, Мицкоски рече дека времето ќе покаже како ќе се одвиваат работите, и нагласи дека е најдбро власта да си замине на предвремени избори.