Собранието продолжи расправата за Предлогот за реконструкција на Владата, на која што власта и опозицијата разменија меѓусебни обвинувања за досегашното владеење, кадровските решенија и политики.
Во обраќањето, премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли критиките на опозицијата поврзани со, како што рече, наводите за „српски свет“, обвинувајќи го СДСМ за двојни аршини во односите со лидерот на Демократската партија на Србите, Иван Стоиљковиќ, додека биле на власт.
– Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сѐ и сешто за да гласа за промена на името. Тогаш не ви сметаше Иван Стоиљковиќ? Е, оваа Влада има поинаков став за сите тие прашања затоа што има карактер и затоа што е навистина горда и достоинствена. Не ви сметаше да трчате на Бања да го убедувате и да нудите сè и сешто за да гласа за промена на името. Не ви сметаше кога трчавте по Скопје и по Куманово да го молите, да коленичите пред Иван Стоиљковиќ да гласа за промена на името? И знам дека ве одби човекот затоа што има карактер, има достоинство. И сега се обидувате, би рекол, во политички деминутив да му се обраќате на него и на Владата којашто ја предводам јас – рече Мицкоски.




