Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ во своето интервју за Ора 24 запрашан дали треба да се зборува на теми за меѓуетнички односи истакна дека во минатото голем број на политичари сакајќи да го сокријат криминалот, неспобноста и неможноста да испорачаат резултати се занимавале со етнички теми.

-Мислам дека тоа беше многу пати злоупотребувано во минатато. Сакајќи да го скријат криминалот кој што го правеа, неспособноста и неможноста да испорачаат резултати, многу од политичарите се занимаваат со етнички теми односно се обидуваа луѓето да ги делат и тоа е политика која што неуспешни политичари ја прават. Тоа е најлесно да ги поделиш луѓето па да владееш и тоа не е од сега, тоа е од римско така, рече претседателот Мицкоски.

Тој исто така дополни дека не е добро да се делат луѓето во етничка основа.

-И сега бидејќи луѓето секако кај нас ако се поделат по социјална структура тогаш многу мал дел ќе останат нивни приврзаници бидејќи 90 % и повеќе од луѓето едвај месецот го поминуваат од први до први и затоа најлесен начин е ајде сега ќе зборуваме за етнички теми, по етничка основа ќе ги делиме луѓето, ќе создаваме нервоза. Но, тоа не е добро, кажа тој.

На крај Мицкоски додаде:
-И затоа велам дека неуспешни политичари, луѓе кои што ветуваат, а не испорачуваат, луѓе кои што се длабоко навлезени во криминал, се луѓе кои што се занимаваат со поделби, етнички или било какви други поделби.

Тој додаде дека многу „другари имав јас од тука и се уште имам луѓе со кои сме другари, и Македонци, и Албанци, Турци, Бошњаци. Многу луѓе кои во војска сме биле заедно се од овој дел на градот“.

Мицкоски нагласи дека не треба да се поставуваат бариери ниту поделби не само во Скопје, туку во Македонија, укажувајќи дека така им се остава простор на неуспешните политичари да го делат народот.

Не треба воопшто да поставуваме било какви бариери, ниту поделби. Не само во Скопје, туку генерално во Македонија. Мислам дека се додека ги отвораме тие теми ќе им оставаме простор на неуспешните и криминалците во политиката да го делат народот, истакна Мицкоски и додаде:

Јас сакам да зборувам за теми кои што ќе не обединуваат. Една од тие теми е и онаа политика која планираме како идна влада а тоа е да инвестираме на целата територија на нашата држава, односно оние 250 милиони евра кои ќе бидат главен фокус да бидат распределени подеднакво на целата територија на Македонија. И ценам дека тоа се политики кои што сите нас треба да не обединуваат, порача Мицкоски.