Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 600 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари. Со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти.
Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите, дистрибутерите и трговците.
-Во присуство на производителите и дистрибутерите, повторно на едно исто место беа и производителите и дистрибутерите, направивме нешто што досега можеби никогаш не е направено, а тоа е дека сите заедно ние разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис во којшто сите страни се согласивме дека во периодот од 15-ти декември до 15-ти јануари цените на одредени производи, а тоа се повеќе од шестотини артикли, ќе бидат намалени и брендирани како што беше до сега, помалку трошоци повеќе за тебе, и се грижиме.
Тоа е многу важно, бидејќи на тој начин ќе можат и граѓаните сето тоа да го препознаат. Нормално ова не е направено со интервентна мерка од страна на Владата, не е направено со ограничување на цените, туку е консензуално решение и поради тоа нема да има за ова казнување, се разбира, туку ќе има само мониторинг на тоа дали на сите тие производи ќе бидат залепени сите овие налепници за коишто зборуваме за да биде визибилно за граѓаните, за да можат тие да ги препознаат овие производи.
И покрај овие еден месец дена колку што планираме сето ова да функционира беспрекорно, ќе повторам повеќе од 600 производи артикли, кои што се добиени по основ на консензус помеѓу сите овие страни за кои што зборував, очекувам и понатаму да продолжиме заеднички да бидеме општествено одговорни за овие тешки моменти, заеднички да работиме да помогнеме на македонските граѓани, на македонската економија, стандардот на македонските граѓани и на тој начин да има повеќе за секого, истакна Мицкоски.
Нагласи дека не се работи за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат визибилни за граѓаните.
На забелешките од новинарите дека во листата на производи во новогодишната кошничка има производи чии цени во изминатиов период се зголемени, премиерот Мицкоски му предочи на директорот на Пазарниот инспекторат да направи контрола какви се цени на пазарот сега и потоа дали тие ќе бидат намалени.