-ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи онлајн седници на Собранието. Тоа е спротивно на Уставот и ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи кршење на Уставот. Во случај кога имаме формирано Влада, во случај кога имаме владино мнозинство тие се должни да обезбедат кворум за работа од вкупниот број на пратеници. Во случајот тоа е 61 и во ваков случај тие се тие што треба да обезбедат функционалност на законодавниот дом, а не да бараат начин како да ја заобиколат таа функционалност. Така што во случајот јасно и гласно кажувам дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го крши Уставот и ВМРО-ДПМНЕ нема намера да поддржи онлајн седници во собранието, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски одговарајќи на прашањето: Во време кога децата ги праќаме на училиште, кога болните одат на работа, дали сте за онлајн собрание?, на денешниот Live chat насловен “Одговор на сите ваши прашања”.

Во однос на прашањето за локалните избори во Штип и можните сценарија за злоупотреби при изборниот процес, Мицкоски потенцираше дека ВМРО-ДПМНЕ веќе одреден период се екипира во Штип и местните комитети се речиси комплетирани.

-Доколку ВМРО-ДПМНЕ почувствува дека на било каков начин демократијата во изборниот процес се изолира, тогаш ВМРО-ДПМНЕ сигурно нема по втор пат да учествува во изборни лакрдии, односно нема да даде легитимитет на таквите избори, истакна тој.

Мицкоски потенцираше дека иако е возможно Собранието поради Ковид-19 вирусот да не биде во функција, а истовремено да треба да се одржат изборите во Штип, тогаш повеќе од сигурно е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја постави работата онака за да нема никаков сомнеж во изборниот процес, односно ќе се изнајде механизам како од блиску да се следи секој чекор на власта, која е јасно дека се подготвува за изборна лакрдија, која овој пат нема да помине.

-ВМРО-ДПМНЕ и граѓаните знаат кој е главниот противник на овие избори и фокусот е ставен само таму, а тоа е СДСМ. Партиските структури се мотивирани и секојдневно се неформално помеѓу граѓаните, се доекипираат и местните комитети кои веќе се во функција, а тоа значи дека следи голем дебакл на СДСМ во Штип и превземање на локалната власт од страна на ВМРО-ДПМНЕ, вели Мицкоски.

Мицкоски истакна дека на овие локални избори во Штип, ВМРО-ДПМНЕ ќе има кандидат кој повеќе од сигурно е дека ќе издвојува убедлива победа, која ќе биде предвесник на победите кои следат и на локално и на централно ниво.

Дали ќе издржи оваа влада четири години како што беше најавувано, Мицкоски рече:

„Јас сум убеден дека здружената опозиција, но и граѓаните нема да дозволат оваа влада да трае не повеќе од периодот за локалните избори или после поразот на локалните избори определен период, а никако четири години бидејќи од она кое што можеме да го наречеме како владина програма за работа не може да се види ниту јасна визија, ниту пак било каква стратегија за справување со проблемите и реалноста во Македонија, што би значело подобар живот на граѓаните без разлика на нивната етничка и политичка припадност.“