Робусна дипломатска акција, изнесување на површина на вистинската вистина и решавање на проблемите дома – ова се трите дела од стратегијата на македонската влада за разубедување на Брисел и за барање на решение како да се одблокираат македонските евроинтеграции, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски на новинарско прашање на кое е ниво е неговиот оптимизам, по завчерашните средби со новата администрација во Брисел.

Тој потенцираше дека разговарал со Антонио Кошта, кој е новиот претседател на Европскиот совет, Марта Кос, новата еврокомесарка за проширување и со Герт Јан Копман, кој е главен во оперативниот дел од процесот на проширување.

– Оптимист сум и ќе продолжиме да се бориме. Нема да оставиме ниту милиметар да изгуби македонскиот идентитет и македонските граѓани, без разлика на етничката припадност, затоа што сите ние заслужуваме загарантирана иднина. Загарантирана иднина. И тоа го слушнав директно од устата на тројцата што ги споменувам, кои се најрелевантните фактори за проширувањето во Европската комисија – рече Мицкоски.

Првиот дел од триделната стратегија, како што информираше премиерот, се спроведува веќе шест месеци, а тоа е робусна дипломатска акција за пренесување на нашите позиции и нашите аргументи.

– Тоа го правиме на супер високо ниво. Бараме решенија, аргументираме. За сè она што претставува наша теза, очекуваме антитеза. Досега не сме добиле антитеза, што значи дека првата фаза од планот веќе ја реализиравме – додаде премиерот.

Во втората фаза од стратегијата, како што рече премиерот, ќе ја изнесат на површина вистинската вистина.

– Сега е многу важно во втората фаза од планот да идентификуваме дали со внесувањето на неколку стотици граѓани во Уставот завршуваат нашите проблеми или тоа се само првите 10 метри од оваа трка на 110 метри. Дали е тоа само првата пречка? И со нашата стратегија полека, но сигурно ќе ја извадиме на површина вистинската намера. Веќе на сите им е појасно дека не е ова само проблемот, туку проблемите допрва следуваат. А ние нема да влеземе во никаква авантура, без да имаме јасен план дека го гледаме крајот – рече Мицкоски.

Ќе се бориме и ќе ја разобличуваме вистинската вистина, додаде Мицкоски.

– Не е вистина ако смениме два амандмана во Уставот. Вистината и многу наскоро ќе излезе на површина – рече Мицкоски.

Трети дел од стратегијата предвидува да се решаваат проблемите дома.

– Третата фаза од нашиот план е да рушиме рекорди дома. Да ги решаваме проблемите, да покажеме дека сме достојни да бидеме на таа маса, по основа на мерит пристапот. По основа на тоа колку ние испорачуваме, а не по тоа дали треба да решаваме прашања од 11. и од 12. век, коишто треба да ни бидат услов за да се развиваме во 21. и во 22. век. Оптимист сум и ќе продолжиме да се бориме. Нема да бидеме наивни, немаме концесија, не сме ветувале ништо, само бараме чесен пристап. За ова што ние го кажуваме како теза и аргумент, досега немаме слушнато антитеза. Ќе се бориме сè додека не успееме – категоричен е премиерот Христијан Мицкоски.