Премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, одговарајќи на новинарско прашање како таа го прифатила неговиот предлог ЕУ да се вклучи во разговорите на Македонија со Бугарија, рече дека го советувала како прв чекор да се побара официјална билатерална средба за време на посетата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на Софија, следната недела.
– Па еве, ќе се обидам да бидам конкретен на вашето прашање и ќе излезам од формалниот дипломатски речник. Од претседателката добив совет веќе следната недела нашиот министер за надворешни работи и надворешна трговија е во Софија, причина за тоа е Коридорот 8 и проектите коишто ги движиме во рамките на тој Коридор 8, да побараме од домаќинот средба на билатерална основа. Јас веднаш побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара време за средба и состанок со неговата колешка и да почнеме, процесот од некаде да го движиме – рече Мицкоски.
Тој во обраќањето на заедничката прес-конференција нагласи дека со претседателката на ЕК отворено разговарале за предизвиците што ги имаме во односите со нашиот источен сосед.
– Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Исто така, на денешната средба зборувавме, и јас тоа го напоменав, дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања. Секое решение мора да создава сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната без простор за нови толкувања или дополнителни барања – рече Мицкоски.
Тој подвлече дека ако од државата се очекуваат одлуки со долгорочни последици, тогаш е оправдано да се очекува и јасна европска перспектива за она што следи. Целта, како што посочи, не е одложување на процесот, туку создавање услови тој конечно да се движи напред на стабилна и одржлива основа. (МИА)




