Врз мешовитата историска комисија меѓу Македонија и Бугарија се врши притисок и таа носи одлуки и потпишува документи кои се резултат на политички притисок и за тоа немаме никаква дилема, изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарите како ја оценува работата на мешовитата историска комисија.
Мицкоски, како што пренесе Макфакс, посочи дека колку побрзо комисијата се распушти толку подобро ќе биде за нив, така барем ќе успеат да си го сочуваат, барем, она мало стручно и професионално достоинство кое што го имаат.
– Се гледа, евидентен е притисокот врз историската комисија. Се гледа евидентно дека таа носи одлуки и потпишува документи кои што се, практично, резултат на политички притисок. И тука немаме никаква дилема и мислам дека колку побргу се распушти, толку подобро ќе биде за нив за да зачуваат, барем малку, стручно и професионално достоинство кое што го имаат. Во спротивно, навистина, и тоа малку што го имаат ќе го загубат, рече Мицкоски.
Тој додаде дека е информиран за брифинг кој што членовите на комисијата го имаа со новинарите и општествено активни членови каде што, според негови информации за кои не сака јавно да ги соопштува, со оглед на фактот дека брифингот бил од затворен тип, се работело за лицемерно правдање пред луѓето зошто морале тоа да го направат.
– Информиран сум дека имале некаков брифинг таму на кој што поканиле новинари и општествено активни чинители, информиран сум од тој брифинг, отприлика, што е зборувано не би сакал сега, бидејќи бил затворен брифинг, јавно да соопштувам, но можам да заклучам врз основа на таа информација јас што ја имам е дека е лицемерно и правдање пред луѓето зошто морале тоа да го направат. Но, евидентен е политичкиот притисок и мојот апел до нив е, колку што можат побргу да си поднесат оставка и ја напуштат, толку подобро ќе биде за нив, рече Мицкоски.
Тој денеска беше во посета на Општина Сопиште.